Подобрување на менталното здравје на граѓаните во Охрид преку советување, користејќи методи на разговор, сугестија, интроспекција, набљудување ќе овозможи психо-социјалното советувалиште кое ќе го водат тим составен од психолози, педагог и социјален работник во рамки на Црвен крст Охрид.
Ранко Раткушиноски, психолог, вработен во Црвен крст Охрид, на денешната прес конференција вели Црвен крст Охрид континуирано спроведува активности кои се насочени кон подобрување на менталното здравје на граѓаните на Општина Охрид.
Континуирано советуваме граѓани од различни категории. Најчесто тие разговори досега беа водени со лица од социјално ранливите групи, но сега со отворањето на ова советувалиште ја прошируваме оваа група за сите граѓани на Општина Охрид. Сите кои имаат потреба од помош од стручно лице може да се обратат во Црвен крст Охрид и да добијат соодветна советодавна услуга. Бевме сведоци во изминатиов период што значи менталното здравје посебно после сите тие години на панедмија и кризи и видовме дека е едно од најранливите нешта. Сега со ова советувалиште се надеваме и насочуваме кон подобрување на менталното здравје на нашите граѓани, вели Раткушиноски.
Дел од тимот е и Марија Чанова, магистар по психолошки науки и лиценциран психолог која вели дека нејзината улога би била во областа на советувањето на деца, млади, но и возрасни лица поврзани со менталното здравје, личниот развој, проблеми кои се јавуваат во домот, на работното место, во животот, фрустрации и конфликти.
Најзасегнати со овој проблем се средношколците. Имам направено и некои мали истражувања во врска со нивото на анксиозност којашто е присутна кај младите средношколци и сметам дека на оваа проблематика треба сериозно да се работи. Секако не се издвоени и возрасните лица кои се соочуват со голем стрес како на работните места, така и со економската криза којашто не притиска сите. Сметам дека е добра можноста да дојдете, да поразговарате и да ги расчистите вашите дилеми во главата за да подобро функционирате на секое поле од животот. Разговорот е главен метод кој ние го користиме за подобрување на менталното здравје, но од друга страна сметам дека медикаментозната терапија можеби некогаш и е неопходна. Но, сепак зборот и добро насочената мисла, давање на поддршка и позитивна енергија може многу да допринесе за подобрување на целокупното здравје, потенцира Чанова.
Табуата сеуште постојат за посета на педагог и психолог, вели Чанова, но младите се доста охрабрени и запознати со тоа дека металното здравје е многу важно за функционирање на целокупниот организам на човекот, па очекувам дека во наредниот период самите ќе побараат помош.
Од започнувањето на пандемијата со Ковид во Црвен крст Охрид беше отворена линијата која што нудеше психолошка помош и психо-социјална поддршка на сите граѓани. Во овој период, велат, истата се покажала многу добри бидејќи луѓето ја користеле истата, пред се тие кои биле затворени и помалку во комуникација со другите.
Даниела Велјановска, дипломиран социјален работник, како дел од тимот кој ќе работи во психо-социјалното советувалиште вели дека се зголемува бројот на социјлани случаи во Охрид, а за истите нив оваа поддршка ќе биде бесплатна. За останатите лица ќе биде со одреден надомест.
Во рамките на Црвен крст Охрид имаме линија за психо-социјална поддршка на граѓаните од Општина Охрид и Дебрца уште од времето на пандемијата и истата ќе продолжи да функционира и во рамки на ова советувалиште. Можат сите заинтересирани да се јават. Во периодот на пандемијата видовме дека има наплив на нови социјални случаи кои се обраќаа во Црвен крст Охрид за помош во однос на храна, хигиена, психосоцијална поддршка, онколошка терапија и терапија за други хронични болести. И во текот на овие две-три години зголемен е бројот на социјални случаи, додава Велјановска.
Сите заинтересираните лица може да добијат повеќе информации и да закажат термин во просториите на Црвен крст Охрид секој работен ден од 9- 15 ч., на тел. 046 261909 и 070 315309 или на е-меил: [email protected].
Н.С.Ј.