Во вондредни зимски услови, кога снежните наноси надминуваат еден метар, одредени региони во охридско-струшкиот крај се буквално отсечени од светот. На овие „пристапни“ места, опстојува ранлива категорија граѓани кои секојдневно се соочуваат со предизвикот на преживување. Иако ги делат само километри до поголемите населени места, патиштата кои ги поврзуваат со животот се неопроодни и затрупани со снег. Судејќи по неодамнешната акција на спасувачката единица при Црвениот крст од Охрид, апсурдно е во 21-виот со снег да се затрупана модерната патна инфраструктура.

Во петокот изведовме една високо „софистицирана“ акција која наликува на тие  од втората половина на 19-тиот век. Во вакви „вонредни“ услови во модерната доба на живеење, недозволиво е екипата за спасување да пешачи по 20 километри за да изврши евакуација на завеано лице, во услови на пристапен и асфалтен пат. Снегот кој падна пред повеќе од 10 дена, не е воопшто исчистен, а на оваа категорија граѓани треба повеќе да се обрне внимание.“ – изјави Антонио Додевски, на вчерашната прес конференција која се одржа во просториите на Црвениот крст од Охрид.

Како што потенцира Додевски, целта е да се апелира до одговорните, да посветат повеќе внимание околу чистењето на патиштата.  „Изминативе години сме имале исто вакви акции, но ниту еднаш не сме свикале прес конференција. Преку неа, сакаме да укажеме на одговорните институции и лица, да обрнат повеќе внимание на оваа ранлива категорија граѓани. Во петокот, тоа беше изолиран случај на едно лице завеано во село каде нема други жители. Станува збор за  асфалтен пат од 10тина километри, кој после 10 дена не беше ни малку расчистен. Со тоа беше загрозена безбедноста на  неколку членови од екипата за спасување, како и доброволци од Центарот за управување со кризи и припадникот на Секторот за внатрешни работи. Како на никој да не му е грижа за овие лица.“ – вели Додевски.

За жал, овој прес беше засенет поради најновите полтички актуелности, а медиумите со чесни исклучоци, како да немаа време да посветат внимание на укажувањата од оваа институција. „Сакаме да апелираме до приватниот бизнис сектор, општествената одговорност да ја насочат кон овој вид активности. За среќа имаме донации од фирми во секторот на социјалата, но овој дел е слабо финанисиран, со исклучок на некои компании. Би требало да се донираат средства, со кои ќе се унапредат нашите технички способносити. Во неодамнешната акција, хендикеп претставуваше немањето теренско возило.“ – потенцира Додевски.

Тимот за спасување изрази благодарност до Центарот за управување со кризи, односно, до Секторот за внатрешни работи, кои од човечки побуди ја помогнаа акцијата. „Нивната помош беше од огромно значење, ако се знае дека  овие луѓе патеката ја изодеа во апсолутно полоши услови. Нивната опрема не соодвестуваше со условите на теренот, но пожртвуваноста им помогна да издржат до крај. Разбираме да евакуираме лице во услови на тешко прооден пат, кој нималку не наликува на овој. Што ќе се случи во наредните неколку месеци, ако уште сега во декември не сме спремни да одговориме на предизвикот“ – запраша Додевски.

Во скоро време се планира организирање на јавна трибина, каде што писмено ќе бидат повикани сите релевантни фактори кои учествуваат во спасувањето на терен, со цел да се укаже на проблемите при спасување на луѓе во зимски услови.

О.Т.