Изложбата на подводни фотографии која летово се одржа во Народниот музеј Охрид – Куќата на Робевци, доби свој видео запис. Авторите на овие изложени фотографии, тимот на „Ботом Тајм“, се надеваат дека  оваа презентација ќе  придонесе за будење на човековата свест околу загадувањето на водите.


Се надеваме дека со оваа презентација луѓето ќе увидат какви убавини загадуваат кога
фрлаат отпадоци во природните басени.“ – велат од тимот на БТ.


Идејата за овековечување на подводните убавини во нашите води, кај овие момци се наметнала при многубројните нуркања и истражувања. „Оформивме збирка на фотографии која ја прикажавме пред пошироката публика. Се надеваме дека ќе послужиме за пример на сите граѓани, а посебно на младите. Целта е да ги мотивираме да се занимаваат со спорт, односно, да ја негуваат уметноста при што ќе го исполнат слободното време.“ – потенцираат од БТ.



Во оваа организација учествуваат млади и надежни нуркачи, со веќе поставени цели и планови. Позади себе имаат огромно искуство и достигнувања. Беа дел од екипата за чистење на кањонот Матка по повод Светскиот ден на водите, а пронајдените фрагменти од керамички садови ги донираат во градскиот музеј. „Меѓу позначајните се откривањето на моноксил под вода во близина на „Св. Наум“. Тука е и учеството на повеќе проекти за чистење на Охридското Езеро во склоп на нуркачкиот клуб “Охрид”. Бевме дел од  експедицијата Врело, а редовно посетуваме семинари поврзани со оваа професија.“ – велат момците од тимот на БТ.


Овие млади нуркачи пројавуваат интерес за промоција на подводниот туризам државава., а во иднина се планираат снимање на подводен документарен филм. „Имаме смислени идеи и стратегии, како и амбиции за снимање на подводен документарен филм за изворите на Црн Дрим. Исто така вршиме дополнителни обуки од областа на нуркањето, изработка на проекти од културен и научно-образовен карактер и доброволно учество во разни експедиции, со цел подигнување на еколошката свест.“ – истакнуваат од тимот на БТ.


Околу 4000 фотографии кои се во склоп на оваа презентација, се направени на повеќе атрактивни локации. Темата на изложбата е да се прикажат подводните пејсажи, односно, да се доловат убавините на живиот свет во водите низ земјава. „Со оглед на тоа дека не секој имал можност да ги види овие подводни убавини, се надеваме дека ќе го придобиеме вниманието на публиката и ќе ја испратиме нашата порака. За реализирање на оваа изложба се заблагодаруваме на повеќето луѓе, без кои никогаш нема да успеевме во оваа наша примарна цел. Тоа се Жан Коцарев,  Валентина Коцарева,  Горан Милошески, Кочо Паскали, како и  Зоран Булески. Сите тие ни дадоа  корисните совети и упатства за остварување на овој проект.“ – додаваат од д тимот на БТ.

О.Т.