Охрид, градот препознатлив по Охридското езеро, природните убавини, културните знаменитости, црквите. За него се пишувало и ќе се пишува, затоа што секогаш има многу што да се каже. Бројни документи, патеписи, книги ни го пренесуваат животот во Охрид во минатото, но она што речиси воопшто не се спомнува и за што малкумина знаат се кафеаните- јавни куќи кои во Охрид работеле во 30- те години од минатиот век. Како што велат охриѓани- за време на српското.

Официјални документи не постојат. Од охридското одделение при Архивот на Македонија,велат дека немаат никаква документација за работењето на борделите.

Најверојатно, затоа што станува збор за триесеттите години кога Охрид бил под српска власт, целата документација е пренесена во Србија, велат од Архивот.

Според кажувањата на охриѓани јавни куќи- кафеани имало пет или шест.

Едната беше на улицата „ Гоце Делчев“, накај Струга на стотина метри од вториот чинар од левата страна. Се викаше хотел „ Београд“. Сопственици беа Заричин и Пиперко, тие имаа други занаети, ама заедно го водеа и хотелот. Имаше неколку жени кои работеа како проститутки. Хотелот имаше и таен, втор влез од задниот дел, од таму излегуваа и влегуваа оние кои не сакаа да бидат видени, раскажува нашиот соговорник, повозрасен охриѓанец.

Друг бордел, како што во тоа време викале јавна кафеана, бил хотелот „ Велика Србија“, во близина на стариот чинар, на местото на ресторанот „ Ориент“.

Долу беше кафеана, а горе имаше две или три соби. Стално имаше музика, свиреа, пееја и певалки имаше, се сеќава нашиот соговорник.

Јавна кафеана имало и на самиот плоштад, каде најчести муштерии биле морнарите. Уште една кај рибниот ресторан, и кај сегашна Охридска банка. Борделите работеле согласно законот. Дамите на ноќта редовно оделе на здравствени прегледи. За тоа бил задолжен младиот лекар Ристо Бавчанџи кој имал приватна ординација во близина на градскиот пазар.

Дамите на ноќта доаѓале од околните земји- од Србија, Бугарија, Албанија, но имало и од Македонија. Секогаш биле убаво облечени, убави, стасити. Дел од нив по своја волја, а дел затоа што тешката судбина на тоа ги принудила.

Јас во тоа време бев девојче и како што беше ред секој ден околу пладне со семејството се собиравме на ручек, седнувавме на софра. Се сеќавам беше летно време и ручавме во дворот. Во еден момент татко ми кој доаѓаше од на дуќан ја отвори вратата и низ неа видовме една од жените која работеше во блискиот бордел како минува. Не погледна и почна да плаче. Мајка ми и притрча и ја праша што и е, а таа рече- и јас како вас имав семејство, сестри браќа, но ме избркаа. Се заљубив во едно момче ама не ме зеде за жена и моите ме избркаа од дома за да не ги срамам моите две сестри, да не сум срам за фамилијата и еве каде завршив, така со солзи ни раскажа девојката. Тешки времиња беа тогаш, угледот на фамилијата беше многу важен, немаше како сега со едно момче, па друго, па тек трето маж ќе ти стане, вели нашата соговорничка.

Како што велат постарите охриѓани, за една сеанса, односно еден час поминат со жените се наплаќало 30 тогашни динари. Заработувале доста, пола од парите задржувале за себе, а другата половина била за сопственикот на кафеаната. Ќе поработеле месец два во Охрид, потоа ги преместувале во друг град- во Битола, Скопје каде исто така имало по неколку јавни куќи.

Во јавните куќи се раѓала и по некоја љубовна приказна. Нашиот соговорник се сеќава дека во тоа време се раскажувало дека една од жените кои работеле во хотел „ Београд“, по затворањето на борделот се омажила за некој Турчин и останала да живее во Охрид, во Карабегомаала.

Најстариот занает во Охрид изумрел по започнувањето на втората светска војна. Новите власти го забранале функционирањето на јавните куќи.

Тања Кувенџиска

Сторијата е објавена во годишната печатена ревија на OhridNews на настани што ја одбележаа 2014 година