По 23- ти пат годинава, на 19- ти и 20- ти август, селото Велестово ќе биде домаќин на манифестацијата “Поетската ноќ во Велестово”, една од најпрестижните поетски манифестации во земјава.

Во Скопје поетите се натпреваруваат меѓу себе кој од нив ќе дојде и ќе се претстави во рамки на манифестацијата. Таа од година во година прерасна во таканаречена  мала антологија на македонската поезија, бидејќи низ неа поминале сите поголеми македонски поети во земјава меѓу кои и Петре М. Андрееевски, Гане Тодоровски, Матеја Матевски, Јордан Плевнеш, вели охридскиот поет, Славе Ѓорго Димоски, еден од оснивачите на манифестацијата .


Од минатата година “Поетската ноќ во Велестово” доби и меѓународен карактер. Лани беа претставени поезиите на поетите од Србија, Турција и од Сирија. Годинава таа бројка се зголемува и освен македонските поети се очекува присуство на поети од Италија, Естонија, Шведска, Кина, Америка и Црна Гора.

–    Она што го внесовме како новина минатата година, учествувањето на поети од други земји се покажа како многу позитивен чекор. Постојано сме информирани дека во земјите од кои тие доаѓаат се објавуваат информации во медиумите за оваа манифестација, со што се промовира и манифестацијата и нашата земја, вели Димоски.


Во двете вечери од одржувањето на манифестацијата е предвидено поезијата да се чита на две сцени, едната традиционално кај селската чешма, а втората кај обновениот Центар за култура.

За првата вечер, на 19- ти август со почеток во 22 часот, е предвидено претставувањето на  поетот Владимир Мартиновски и   изложбата на Емилија Лазаревска. Програмата ќе биде збогатена со настапот на  Starowski бендот.

Во рамки на втората, интернационална вечер, својата поезија ќе ја претстават поетите: Сим Кера од Естонија, Желко Миловиќ од Црна Гора, Елена Рибет од Италија, Лука Бенаси од Италија, Патрик Котер од Ирска, а ќе биде одржана и изложба на рачно изработен накит од Елена Ристовска и Глигор Кузмановски.

Димоски нагласува дека од минатата година датумот на одржувањето на манифестацијата е поместен со цел таа да се поврзе со одржувањето на “Струшките вечери на поезијата”, за учесниците на “Поетската ноќ во Велестово” да можат да присуствуваат и на оваа манифестација.

Ohridnews