Од 1 март цената на разговорите во фиксната телефонија преку Македонски Телеком на меѓуградско ниво ќе се намали од три на еден денар за минута, јавува „Макфакс“ 

Со ова цената на разговор на национално се изедначува со цената на разговор на локално ниво, информираше Агенцијата за електронски комуникации (АЕК).

„Повеќе нема да има национални и локални повици. Се брише границата меѓу повици во еден град или повици од еден кон друг град. Сега сите разговори стануваат локални“, информира АЕК.

Исто така, повиците од фиксен телефон на Македонски Телеком кон мобилен оператор поевтинуваат од 9,99 на 6,99 денари за минута од први, следниот месец.

Намален бројот на корисници на фиксната наспроти мобилната телефонија

Бројот на корисници на фиксна телефонија бележи благо намалување, додека се повеќе граѓани се одлучуваат за мобилна телефонија, покажуваат податоците од последниот Извештај за развој на пазарот на електронските комуникации за третиот квартал од 2013 година што беше презентиран во Агенцијата за електронски комуникации (АЕК).

Извештајот покажува дека на челното место, кога станува збор за сите услуги на операторите –мобилна и фиксна телефонија, Интернет и ТВ услуги, остануваат Т-мобиле и Македонски телеком. Исто така, во последните три месеци од 2013 година е забележан пораст на корисници на мобилен Интернет како и на претплатници на ТВ услуги.

Извештајот покажува пораст на активните претплатници на мобилната телефонија во третиот квартал од годината во однос на претходниот односно 2.276.379 наспроти 2.202.702 корисници. И во последните три месеци најголем удел на пазарот за мобилна телефонија според активни претплатници има операторот Т-Мобиле со 48,62 проценти, по кој следува ВИП со 28,32 проценти и ОНЕ со пазарен удел од 23.06 проценти.

Што се однесува до пазарниот удел на трите мобилни оператори во приходите остварени од обезбедување на мобилни комуникациски услуги на малопродажниот пазар за третиот квартал од 2013 година редоследот е следен Т-Мобиле (52,79%), ВИП (27,95%) и ОНЕ (19,26%), додека на големопродажниот пазар редоследот е следен Т-Мобиле (43,39%), ОНЕ (32,72%) и ВИП (23,89%).

Во последните три месеци од минатата година е забележан пораст на бројот на претплатници на Интернет на фиксна локација од 324.310 во вториот квартал од 2013 на 330.798 во третиот квартал. Исто така, зголемен е и бројот на корисници на мобилен Интернет од 792.353 во вториот квартал на 807.810 во третиот квартал од 2013.

Најголем број на корисници се претплатени на Интернет на операторот Македонски Телеком, по кој следуваат Телекабел, Близу, Оне, Неотел, Кабел-нет Прилеп и Инел Интернационал Кавадарци.

Според Извештајот на АЕК, во последните три месеци од минатата година е намален бројот на корисници на фиксна телефонија. Станува збор за мал пад и тоа од 401.072 во вториот квартал на 399.379 корисници во последниот квартал. Најголем број граѓани се претплатени на Македонски Телеком, по кој следуваат Неотел, Оне, Т-Мобиле, Близу.

Во последните три месеци во 2013 е забележан пораст на претплатници кои имаат склучено претплатнички договор со еден од операторите на ТВ услуги на 333.786 во споредба со 263.953 истиот период во 2012 година.

OhridNews
извор:„Макфакс“