Преку 15 000 моторџии од земјава, отсега ќе можат поевтино да патуваат вон границите на Македонија. По барање на Мотоциклистичката федерација на Македонија, цената на едногодишен зелен картон за моторцикли се намалува од 5.000 на 1.850 денари.
Според Министерот за финансии Зоран Ставрески, на овој начин ќе им се овозможи на сите вљубеници во моторциклите полесно и поефтино да патуваат во европските земји. „Сите оние што го гледале култниот филм „Изи рајдер“, знаат дека приказната за моторџиите претставува слобода на движење, големи пространства и далечини. Токму ова е тоа што го побараа од нас.“ – вели Ставрески.
Тој потенцира дека преку оваа одлука, исполнети се сите барање на федерацијата, истовремено овозможувајќи им на моторџиите да увезуваат моторцикли од САД,односно на пократки рокови од еден, три и шест месеци да ги регистрираат.
Ленин Јовановски, претседателот на Мотоциклистичката федерација на Македонија и на мото-клубот „Ноќни волци“, со жаргонот „респект“ се заблагодари на оваа одлука. „Со оваа одлука се опфатени сите типови на мотори, без оглед на нивната јачина. Задоволени се барањата на повеќе од 15 000 моторџии, а се надеваме дека нашата соработка ќе продолжи во насока на едукација млади мотористи, зголемена безбедност и изградба на патека за брзински вештини.“ – вели Јовановски.
Инаку, во евиденцијата на Република Македонија постојат 55 490 мотори, од кои голем дел стојат нерегистрирани.
OhridNews