Во албанскиот град Поградец, попладнево започна заедничката седница на владите на Република Македонија и Република Албанија во полн состав.

Македонскиот владин тим го предводи премиерот Заев кој беше пречекан со највисоки државни почести од премиерот на Албанија Рама. Двајцата ќе имаат воведни обраќања на меѓувладината седница на која ќе бидат потпишани повеќе билатерални договори.

На меѓувладината седница се очекува да биде усвоен план за консултации помеѓу министерствата за надворешни работи на двете држави, а ќе бидат потпишан меморандум помеѓу министерствата за внатрешни работи за соработка во областа на внатрешна контрола, како и формирањето на мешовит комитет за економска соработка. Од ресорот на образование и наука, ќе се потпишува и меморандум за интензивирана билатерална соработка преку Институтот за културно и духовно наследство на Албанците од Р.Македонија. Дополнително ќе се потпишува меморандум за соработка во борбата против насилен екстремизам и радикализам, како и договор за соработка во спречување на кризи. 

Во Поградец ќе се разговара на повеќе теми за унапредување на соработката во областа на инфраструктурно поврзување, изградба на Коридорот 8, олеснување и интензивирање на размената на стоки и услуги и безбедноста.

По завршување на заедничката седница предвидено е да се обратат премиерите Заев и Рама.

Г.М.