Охрид доби современа мртовечница која во целост ги задоволува европските стандарди, што како неопходност во градот се наметнуваше подолг период, информира погребалниот оператор „Мирен Сон“, кој инвестицијата ја реализираше од сопствени средства. Оттаму додаваат дека за ставање во функција на новата мртовечница обезбедени се сите законски одобренија од надлежните органи. 

-Имајки предвид дека Охрид е еден од поголемите градови во Република Македонија, а истовремено и најголем туристички центар голем проблем до сега ни претставуваше чувањето на починатите лица на подолг временски период. Тоа се однесува на случаите во кои од странство се чека да пристигнат најблиските роднини на починатите лица, а често се случува и странски државјани за жал да починат во нашата oпштина. Бидејки до сега во Охрид пошироко немаше современа мртовечница од ваков тип, принудени бевме некои починати лица да ги носиме во Битола и Скопје и повторно да ги враќаме назад. Само овие аспекти доволно говорат колкава е потребата од оваа мртовечница со која погребалниот оператор „Мирен Сон“ го решава овој горлив проблем во Охрид. Како сериозен и одговорен погребален оператор во вид го зедовме и финансискиот аспект. Во таа насока одлучивме цената да биде двојно пониска од онаа што досега граѓаните ја плаќаа за користење ладилници кои до сега ги изнајмувавме. – изјави Даниела Кузманоска вработена во „Мирен Сон“.

Мртовечницата е опремена со два ладилници за чување на починатите лица кои имаат функција на одржување и замрзнување, а по карактеристики и капацитет ги задоволуваат сите стандарди и потреби на Охрид и околните општини, истакна Кузманоска. 

– Ние како погребален оператор и во иднина ќе продолжиме да ги следиме и применуваме светските трендови за обавување на нашата дејност, која што е специфична, но истовремено бара ангажман не само на кадар туку и на современа техника и технологија. – додаде Кузманоска.

Современатa мртовечница на погребалниот оператор „Мирен Сон“ од Охрид, прва од ваков вид во градот, симболично беше ставена во употреба со верска церемонија.

OhridNews