Истражувањата од 2011 година укажуваат дека и покрај уништувањето, појасот на трската е зголемен за 2,8 хектари во последните 25 години.“ – ова го изјави д-р Марина Талевска од Хидробилошкиот завод, на денешната презентација на проектот „Регистрација на појасот на трската како основа за понатамошно следење на состојбите во Охридското Езеро, а со цел за определување на стратегијата за нејзина заштита“ , која се одржа во малата сала на општина Охрид.

Според д-р Талевска, улогата на трската во крајбрежната зона е разновидна. Таа претставува живеалиште на водните птици, односно место каде се мрестат разни видови риби. „Трската претставува природен биофилтер, со што на еден начин ја прочистува водата од загадување. Таа е важен фактор во создавањето кислород, кој е неопходен за живите организими.“ – вели Талевска.

Талевска потенцира дека и покрај неконтролираното уништување на појасот со трска, таа интензивно расте и се развива. „Тоа се должи на зголеменото количество внесени хранливи материи во езерската вода. Состојбата е добра, иако постојат неколку локации каде трската подлежи на сечење и уништување од различни причини.“ – потенцира Талевска.

Најголеми површини со трска, има на северното и северо-западното подрачје од езерото, додека на источниот брег таа е поретка. Доколку постои потреба од нејзино сечење, ќе биде потребна согласност од соодветните институции. „Само на оние места каде имаме преголемо зарастување со трска,  таа ќе може да се отстрани во договор со соодветните институции. Треба се формира надзорно тело кое ќе соработува со ресорните министерства, општините Охрид и Струга, односно Хидробиолошкиот завод.“ – додава Талевска.

Од одделението за заштита на животна средина во општина Охрид, информираат дека проектот е предвиден во годишната програма на општината. За таа цел, преземени се активности за заштита на трската, со цел согледување на моменталната состојба во охридскиот дел од езерото.

Трската е важен дел од еко системот во езерото. На одредени локалитети каде се предвидени плажи, трската се пали и сече. Треба да се подигне јавната свест, а во консултација со Хидробиолошкиот завод, да се дадат насоки како да се постапува со појасите на трска доколку е потребно чистење. Во секој случај, примарна цел е нејзина заштита.“ – вели Јасминка Т. Момироска, од одделението за заштита на животната средина при Општина Охрид.

Инаку, проектот која започна во 2011-та година, успешно се реализира во изминатата година. Од одделението за заштита на животната средина, најавуваат нови проекти кои се поврзани со појасот на трската во Охридското Езеро. 

OhridNews