Од министерството за образование и наука упатуваат покана до наставниците за доставување предлози и коментари за новите наставни програми за учениците од прво до трето одделение.
– Новиот образовен модел, го засега и се однесува на работата на наставниот кадар. За да создадеме што е можно подобар и поквалитетен образовен модел, сакаме да го слушнеме гласот и мислењето на лицата кои се вклучени во образовниот процес, наставниците, од кои очекуваме да добиеме предлози и коментари за наставните програми кои се подготвени, нивната применливост, како и насоки за усовршување на предлогот, велат од МОН.
За таа цел, Министерството за образование и наука бара и очекува од наставниците од одделенската настава, како и сите компетентни и заинтересирани лица, активно да се вклучат во процесот на градењето на новиот модел за основно образование и да достават свои критики, коментари и предлози за подобрување на новите наставни програми за прво одделение.
Коментарите и предлозите може да се испратат на [email protected] или до архивата на Министерството за образование и наука (ул. Св. Кирил и Методиј бр. 54).
Наскоро ќе бидат добиени и новите наставни програми за второ и трето одделение. Повеќе околу клучните промени за новите наставни програми и наставните програми за прво одделение може да се види на интернет страната на министерството.
OhridNews