На 28.02.2019 околу 19 часот во Полициската станица Струга било пријавено дека истиот ден околу 18 часот на локалниот пат село Делогожда-село Поум, на место викано „Кодра бум“ У.В.(22), управувајќи патничко возило „Голф“ со струшки регистарски ознаки, бил пресретнат од патничко возило „Голф“ со скопски регистарски ознаки, управувано од В.Б.(46) од село Поум, во кое бил и неговиот син З.Б.(23). Според пoлицијата В.Б. и З.Б. излегле од возилото и со секири тргнале кон У.В. со кого од порано имале нерасчистени односи.
Според Обвинителството, пак, настанот се случил околу 18.30 минути, кога на локалниот пат во близина на Поум со огнено оружје е пукано во сега починатиот и неговиот татко (46).
Оштетените се движеле по патот со патничко моторно возило кога до нив се доближил осомничениот (22), управувајќи со друг автомобил. Осомниченото лице започнало да пука, најпрвин со пиштол, а потоа и со ловечка пушка, при што сега починатиот е смртно погоден, а неговиот татко се стекнал со тешки телесни повреди. По извршување на делото, осомничениот се дал во бегство, за подоцна самиот да се пријави во полициска станица. – сооптши Јавното обвинителство.
По наредба на Јавен обвинител, телото на починатиот е дадено за обдукција. Надлежниот јавен обвинител, исто така, донесе наредба за спроведување на истражна постапка поради постоење на основано сомневање дека осомниченото лице сторило кривични дела Убиство од член 123 став 2 точка 3 и Недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396 од Кривичниот законик.
Ценејќи дека се исполнети законските основи, јавниот обвинител до судија на претходна постапка од Основниот суд Струга ќе достави и предлог за определување на мерката притвор за осомниченото лице. – информира јавното обвинителство.
OhridNews