Случајот со насилството врз младата девојка од Охрид во кој таа беше претепана од своето момче предизвика низа реакции и од политичките партии. Тие го осудуваат насилството и повикуваат институциите да постапат согласно законите.

ВМРО-ДПМНЕ остро и недвосмислено го осудува насилството врз млада девојка во Охрид. Никој не е над законот и сите институции мора да постапат во согласност со законите. ВМРО-ДПМНЕ застанува зад Сара и нејзиното семејство, сочувствува со нив и повикува на итна и решителна реакција во заштита на правната држава и жртвите на насилство. За насилството врз нема и нема да има место во Македонија. Затоа ги повикуваме институциите, во согласност со законите, да ги преземат сите мерки и активности за целосно расчистување на случајот, со цел сторителот да биде изведен пред лицето на правдата. Никој не е над законот и за конкретниот случај мора да има детална истрага и одговорност. Дополнително, доколку институциите, секоја во рамките на своите надлежности, не постапат и не реагираат во согласност со законите, сите одговорни ќе бидат повикани на одговорност, велат во соопштението.

Изразуваме целосна поддршка и солидарност со Сара и целото нејзиното семејство. Таа заслужува заштита, мир и услови за закрепнување. Не страв дека повторно ќе биде нападната, велат во соопштението од СДСМ.

Според јавното сведоштво на мајката, осомничениот бил пуштен на слобода, додека нејзината ќерка стравува за сопствената безбедност. Имало обиди за прикривање на случајот и влијание врз медицинската документација. Неказнивоста ги охрабрува насилниците. Пропустите на МВР и штитењето на криминалот имаат фатални последици. Затоа бараме веднаш да се утврдат сите пропусти, влијанија и обиди за заштита на осомничениот насилник. Бараме одговорност од сите и нивно разрешување од позииите. Бараме итна и ефективна заштита на Сара. Како жени, нема да молчиме туку силно ќе се спротиставиме. Нема да прифатиме жените во Македонија да живеат во страв, а насилниците да се чувствуваат недопирливи само затоа што се блиски до ВМРО, велат.

По серијата трагични случаи на насилство врз жени, најновиот случај во Охрид со нападот врз Сара е уште еден аларм дека системот не ја завршува својата најважна задача – да ги заштити сопствените граѓани, велат од Либерално-демократска партија.

Прашуваме, колку предупредувања се потребни? Колку пријави треба да бидат игнорирани? Колку семејства треба да бидат оставени во страв за некој конечно да преземе одговорност? ЛДП со години предупредува дека заштитата на жртвите мора да биде системска, а не декларативна. Затоа ја предложивме и мерката за електронски нараквици за сторителите на семејно насилство како механизам за контрола и навремено предупредување. Не смееме повеќе да ја чекаме следната жртва за конечно институциите да се разбудат од зимскиот сон и да преземат мерки. Не смее жените сами да се штитат од оние од кои државата треба да ги заштити, велат од ЛДП барајќи целосна истрага за случајот во Охрид, утврдување на институционалната одговорност и конкретни мерки што ќе спречат повторување на ваквите случаи.

ДОМ бара МВР и Јавното обвинителство да ги испитаат сите околности на нападот, евентуалната вмешаност на други лица и можните обиди за прикривање или влијание врз истрагата.

Бараме целосна заштита на жртвата и нејзиното семејство, како и одговорност за секој што се обидел да ја попречи правдата. Седумте фемициди годинава се најтешкото предупредување дека насилството врз жените може да заврши со загубен живот кога институционалната заштита изостанува. Случајот во Охрид покажува дека државата мора да реагира пред да биде предоцна, а не да чека уште една трагедија. Фемицидите не почнуваат со убиството. Тие почнуваат кога насилството се игнорира, заканите се потценуваат, а институциите не постапуваат. Уште колку жени треба да настрадаат за институциите конечно да покажат дека законот важи подеднакво за сите, без оглед на тоа чии деца се сторителите?, прашуваат.

Поразително е што во оваа држава правдата сè почесто мора да се изнудува со јавен притисок наместо да произлегува од совесното постапување на институциите. Уште попоразително е што жртвите мора јавно да ги изложуваат сопствените страдања за нивниот глас воопшто да допре до надлежните. Но, кога институциите потфрлаат, молкот на општеството станува соучесник во неказнивоста!, велат од Левица.

Затоа денес имаме должност да го кренеме гласот, да застанеме зад Сара и да не дозволиме насилниците да хараат со уверување дека нечие презиме, партиска книшка или моќен покровител ќе ги амнестира од одговорност. Ниту еден насилник, евентуален помагач и службеник што ја злоупотребил својата положба не смее да остане надвор од посегот на правдата. Во држава која е трета во Европа по број на фемициди не смееме повторно да чекаме поголема трагедија за да се пробуди јавноста, ниту обдукција за да се разбудат институциите! Бараме одговорност и соодветни казни од прв до последен во целиот синџир, а случајот будно ќе го следиме и нема да дозволиме да се заташка, додаваат од Левица.

OhridNews