Министерството за внатрешни работи, преку  одделенијата за превенција во секторите за внатрешни работи во Охрид, Скопје, Штип, Куманово, Струмица, Битола, Велес и Тетово, во наредниот период ќе го реализира проектот “Мешани патроли“ во кои ќе учествуваат полицајци и родители.

Целта е да се анимираат и едуцираат родителите околу потенцијалните ризици на коишто е изложена малолетната популација во летниот период, при посетата на    кафулињата, летните дискотеки, отворени простори, училишни дворови и слично.  

–    Овие т.н. мешани патроли ќе прават обиколка на најпосетуваните места за ноќна забава на малолетниците, особено преку викендот, при што родителите истовремено, врз основа на полициските практики и искуства, ќе имаат можност да бидат информирани за тоа како и на кој начин пороците (дрогата, алкохолот, цигарите и друго) најчесто стануваат дел од социјалното поведение на малолетниците, а при тоа да се препознаат и превенираат ризиците од појава на девијантност, се наведува од страна на МВР.

Меѓу приоритетните цели на проектот е промовирање и зголемување  на квалитетот на односите меѓу полиција и граѓаните и подигање нивото на свест кај родителите за потенцијалните ризици врз малолетниците. Родителите ќе бидат информирани и околу нормативите, особено од сферата на нарушувањето на јавниот ред и мир каде што малолетната популација се јавува како една од најчестите старосни групи на прекршители.

Мешаните патроли стартуваат викендов во Куманово, Струмица и Штип .

OhridNews