
Комисијата за јавни набавки при МВР, задолжена за спроведување на постапката за доделување на договор за јавна набавка на моторни возила во полициска изведба вчера во МВР одржа електронска аукција за негативно јавно наддавање, преку електронскиот систем за јавни набавки.
„По затворањето на аукцијата а врз основа на генерираниот извештај од електронскиот систем за јавни набавки од текот на аукцијата беше утврдено дека најниската понуда изнесува 199.750.000 денари, односно е за 10 милиони денари пониска од почетната цена на аукцијата. Комисијата за јавни набавки на МВР, согласно Законот за јавни набавки, ќе ја продолжи постапката“, соопштија од МВР.
„Понудената цена на Порше Македонија на денешната електронска аукција изнесува 199.750.000,00 денари без вклучен ДДВ, и е за 10.000.000,00 денари (без ДДВ) пониска од почетно зададената при денешната аукција, што претставува речиси 1280 евра пониска цена по возило“, соопштија од „Порше Македонија“.
„КА-ДИС“ д.о.о Скопје ја смета вчерашната аукција за нелегитимна бидејќи нема законска основа за објава на истата и затоа компанијата не учествувала на јавното наддавање.
„На нелегитимното ’продолжување’ на јавнотото наддавање КА-ДИС Д.О.О Скопје, не учествуваше бидејќи продолжувањето нема законска основа и КА-ДИС Д.О.О Скопје ќе ги искористи сите правни средства за заштита на своите права“-велат од КА-ДИС додавајќи дека јавната аукција за набавка на 150 возила бр. 17/2-05/2012 е завршена на ден 29.08.2012 година.












