СВР Охрид поднесе посебен извештај против администратор во Секторот за урбанизам и заштита на животната средина-Охрид и против правно лице од Струга за сторено кривично дело „бесправно градење“, додека пак сопственикот на правното лице го терети за „фалсификување или уништување деловни книги“.
Посебен извештај е поднесен и за уште четири други лица, вработени во Секторот за урбанизам и заштита на животната средина-Охрид за „злоупотреба на службената положба и овластување“ в.в. „продолжено кривично дело“ и „соизвршителство“.
Во периодот од 2010 и 2011 година, лицето вработено како администратор во охридскиот Сектор за урбанизам, како инвеститор преку фирмата од Струга изградила два објекти (станбен објект и семејна куќа) на ул.„Кеј Маршал Тито“ во Охрид, зафаќајќи поголема површина од предвидената во одобренијата за градење. Сопственикот на струшката фирма ја уништил градежната книга и дневникот за наведените објекти, со цел да прикрие дека градежните работи отпочнале пред да биде донесен Деталниот урбанистички план.
Покрај ова, еден од вработените во секторот за урбанизам изготвил документ со кој потврдил дека Основниот проект за семејната куќа е изработен во согласност со прописите за проектирање, иако знаел дека е во спротивност на Законот за градење и Деталниот урбанистички план, по што друг вработен во секторот до Одделението за комунален развој доставил проектна документација за регулирање на трошоците за комунално уредување, изготвил и потпишал одобрение за градење, а една од вработените во секторот изготвила и заверила решение за локациски услови, по што на инвеститорот му биле издадени одобренија за градење. Друг вработен во секторот, како градежен инспектор во Записникот за констатација од 2010 година, не констатирал кои делови од објектот започнале да се градат спротивно на одобренијата за градење, против изведувачот на работите не поднел кривична пријава и за истото не го известил Одделението за урбанизам на Општина Охрид.
На овој начин, пријавените му овозможиле на инвеститорот да се стекне со дополнителна површина од 60,21 метри квадратни градежа површина.












