Осум од вкупно 20 припадници на резервниот состав при министерството за внатрешни работи, ангажирани преку СВР Охрид, од денес не доаѓаат на работа. Без никакви претходни најави, вчеравечер, телефонски, биле известени дека денес треба да извршат раздолжување на опремата и оружјето. Ангажирани биле во јуни 2015 година со договор на дело, и две и пол години работеле без здравствено и пензиско осигурување, без слободни денови, но земале редовно плата.
– Бараме од началникот или друго официјално лице да објасни зошто сме избркани од работа. Ни кажаа дека немало повеќе потреба од нас, а истовремено се ангажираат други осум лица на наше место. Ако немало потреба од нас, тогаш како има потреба од други? Дали ова се прави поради лични интереси или пак станува збор за политички прогон? Јас во резервниот состав бев повремено ангажиран и претходни години. При секоја потреба на СВР Охрид, ме повикувале. Имам ќерка на факултет, синот е во средно завршува и тој треба да оди на факултет. Немам други приходи, освен од мојата сопруга која е на пола работно време и зема пола плата. Значи со 6000 денари живееме, вели Влатко Ангелески.
Тој и останатите седум лица, денес, одржаа мирен протест пред зградата на СВР Охрид, барајќи од страна на началникот да добијат објаснување за причините поради кои од денес нема да бидат ангажирани.
– Не сме членови на партии, тука сме како припадници на резервниот состав. Бевме ангажирани за обезбедување на претседателските вили, вршевме надворешно обезбедување кај претседателот на државата, кај премиерот и претседателот на собрание. Добивавме пофалби од началникот на обезбедување. Како сме сега одбрани, можеме само да претпоставиме, додава Христијан Дулески.
Од страна на началникот на СВР Охрид биле информирани дека нема да остварат заедничка средба. Тие истакнуваат дека своите права ќе ги бараат по судски пат.
Т.К.












