Спелеолошкиот нуркач Кшиштоф Старнавски од Полска го урна рекордот на италијанскиот нуркач Луиџи Казати и успеа да се спушти на длабочина од 230 метри во пештерата Врело на Матка. Овој подвиг на Старнавски траеше шест часа, а дел од неговата експедиција беа и домашните нуркачи сертифицирани за пешетерско нуркање од нуркачкиот клуб „Акватек“ и спелео- нуркачкиот клуб „Врело“.

„Пештерата Врело е една од најубавите и нејголемите пештери што сум ги видел во животот. Навистина беше вистински предизик да се совлада нејзината внатрешност. Поминавме четири дена нуркајќи и прибирајќи информации за проодноста и проверката на нејзиниот терен за најдлабокото нуркање. Почнавме од 188 метри, по што најдлабоката точка до која дојдовме беше 230 метри. Оттука пуштивме сонда со која измеривме уште други 20 метри во длабочина, по што следува голема кривина која не можевме да ја испитаме на овој начин. Според моите проценки, по оваа кривина сигурно има уште некои 30-тина метри, кои се надевам ќе можеме да ги истражиме во нашата следна експедиција. Теренот понатаму е многу тесен и полн со кривини, па ќе ни треба повеќе време и поинаква опрема за да го совладаме“, вели Старнавски и додава дека е горд на домашните нуркачи кои се покажаа достојни на задачата и му е чест што имал прилика да нурка со професионалци како нив.

Во организација и на покана на „Акватек“ и „Врело“, Старнавски неколку денови, заедно со тимот од домашните нуркачи ги правеше подготовките и го проверуваше теренот за подлабоките нуркањата во пешерата Врело, по што во четвртокот го сруши рекордот на Казати, кој во 2010 година се спушти на 212 метри длабочина.

„Задоволни сме од експедицијата и професионалноста на домашните нуркачи, како и од учеството во акцијата и спроведувањето на овој подвиг. Вакви успеси се од огромно значење за Македонија и се надеваме дека следната година ќе успееме да спроведеме уште една ваква експедиција со подлабоко исптражување на пештерата“,  вели Даниел Атанасовски од нуркачкиот клуб Акватек.

Експедицијата имаше за цел да прибере информации од неоткриените делови на подводната пештера, дали постојат нови краци кои се двојат од основната патека и да откријат до каде таа се простира.

„Како што претпоставивме Врело нуди многу можности за истражување и е многу подлабока од што беше познато, факт кој уште еднаш се потврди и со оваа експедиција. Нашите нуркачи се спуштија до 420 метри во хоризонтала односно до 40 метри во длабочина, тоа е максимум кој дозволуваше нашата опрема за нуркање. Нашата помош беше за поставувањето на хабитатот, носење на помошни системи за дишење, демонтирање на целата опрема и слично. Се надеваме дека надлежните институции ќе не поддржат и ќе ни овозможат следната година да организираме уште една експедиција која ќе вроди и повеќе резултати од годинешните“, додава Кире Анѓелески, претседател на „Врело“.

Ова не е прв рекорд на Старнавски, кој во 2011 година го собори рекордот кој го држеше Дејвид Шо во нуркање со ребридер и постигна длабочина од 283 метри во Црвеното море, во предел во близина на Дахаб, Египет.

OhridNews
извор Макфакс