Полскиот претседател Лех Качински одлучи постхумно да го одликува Вим Холсенфилд, офицер во германскиот Вермахт кој за време на Втората Светска Војна во окупираната Полска ги спасувал прогонетите полјаци и евреи, вклучително и Владислав Шпилман, протагонистот на филмот „Пијанист“.

Офицерот Вим Холсенфилд во Полска дошол 1939 година кога хитлеровиот Вермахт ја прегазил Полска. Иако член на нацистичката партија, со време почнал да му помага на локалното население, згрозен од суровоста и ѕверствата на своите соборци.

 Холсенфилд и Шпилман се сретнале под неверојатен сплет на околности- во рушевините на Варшава после неуспешното востание против германците во 1944 година. Шпилман кој пред војната бил угледен полски пијанист, поради еврејското потекло за време на окупацијата бил сместен во варшавското гето од каде едвај успеал да побегне и така да го избегне одењето во логор. После тоа се криел по празни станови а потоа и низ рушевините на Варшава се додека, потполно изгладнет, не го сретнал Холсенфилд, кој импресиониран од неговото музицирање, му дал засолниште и храна.

Шпилман веднаш после војната своето неверојатно искуство го опишал во книгата мемоари „Пијанист“ која со децении била заборавена од комунистичките власти. Книгата е објавена дури 1998 година, две години пред смртта на Шпилман. Во 2002 година по книгата е снимен и истоимениот филм во режија на Роман Полански кој освои „Златна Палма“, а Адриан Броди за улогата на Шпилман доби „Оскар“


Шпилман

Холсенфилд пак во 1945 година го заробила Црвената армија. Поради воените злосторства кои ги направила единицата на која и припаѓал осуден е на 25 години затвор, а 1952 година умрел во логор во близина на Сталинград.

Андреј Шпилман, син на Владислав Шпилман, веќе подолго време води кампања да центарот Јад Вашем во Ерусалим на  Холсенфилд му го признае статусот Праведник меѓу народите.

Јасминка Т. Момироска