Оваа соработка досега се покажа како исклучително успешна и се надеваме дека Полската вечер ќе прерасне во традиционален настан на фестивалот. Во таа насока, би сакала да изразам огромна благодарност до Амбасадата на Полска која е иницијатор и поддржувач на овој настан, како и до полската компанија „Бумар“ која е покровител на вечерашниот концерт, истакна на денешната пресконференција директорката на „Охридско лето“, Елизабета Јанкуловска.
Јанкуловска потенцира дека станува збор за концертен пијанист со голема интернационална репутација.
– Стручната критика за неа зборува дека е музичар со извонреден вкус, автентична музикалност и брилијантна техника која и овозможува да изведува широк спектар на репертоар, во што секако ќе се уверат сите присутни вечерва во Св. Софија, рече директорката на „Охридско лето“.
Јоана Трзечјак е пијанист со богата интернационална кариера и настапи на сите светски континенти. Како солист остварила соработки со реномирани оркестри и диригенти, а одржала и рецитали во престижни концертни сали. Во 2010 година таа ја доби значајната награда – Орден за посебни заслуги од страна на Министерството за култура на Република Полска.
Воодушевена од убавините на Охрид, Трзечјак изјави дека градот ја плени, а Света Софија ја остави без здив.
– За прв пат сум во Охрид и навистина сум длабоко импресионирана. Утрово кога излегов на тераса бев вчудоневидена од панорамата и погледот. Веднаш сфатив дека сум на вистинското место. Веќе имав кратка проба во црквата кој е посебна. Вообичаено во црквите има голема акустика, но во „Света Софија“ таа е навистина совршена, рече Трзечјак.
Полската пијанистка вечерва ќе се претстави со дела на Бетовен, Шимановски и Шопен.