Родителите со одобрување и позитивни ставови околу најавените измени во наставните програми во основното образование. Според првичните најави од надлежното министерство тие предвидуваат помалку часови, тестирања и домашни, а повеќе игра и одмор.
– Премногу се оптоварени првачињата. На толку мала возраст тие имаат премногу обемен материјал;
– Основците се во постојана трка со времето. Слободно време за одмор и дружење со врсниците воопшто не им останува. И за време на викендите постојано се над книга ако сакаат добро да го совладаат материјалот;
– Поради обемниот и неприлагоден метеријал за нивната возраст принудени сме да ги праќаме и на дополнителни часови, за што потребни се и дополнителни парични средства. Ниту наставниците имаат доволно време да го предадат материјалот, ниту пак основците можат добро да го совладаат, велат родителите.
Како што најави министерката Рената Дескоска, согласно новите наставни програми, првото одделение ќе биде соодветно прилагодено на возраста на учениците од 5 и пол години, бројот на часови ќе се намали – учениците во прво одделение нема да имаат повеќе од 4 часови дневно.
– Намалување на времето кое учениците ќе го поминат во настава за сметка на зголемување на времето за одмор и игра. Предвидено е на секој час од 40 минути, да има 15 минути одмор за децата, предвидуваат новите наставни програми за прво одделение. Освен овие измени, програмите предвидуваат и намалување на учењето во широчина за сметка на учењето во длабочина, намалување на тестирањата на учениците за сметка на комплексното проверување на резултатите од учењето, домашните работи да се заменуваат со вежби на час под контрола на наставникот, воведување служба за поддршка на талентирани, но и за ученици кои бележат послаби резултати во напредувањето, намалување на времето планирано за меморирање за сметка на времето планирано за истражување и проблемско учење, најави Дескоска.
Наскоро се очекува да заврши ревизијата и изготвувањето на нови наставни програми за второ и трето одделение. Министерката изјави дека целта е да се создаде нов и современ образовен модел во кој ќе се зголеми интересот на учениците за образованието, нивната љубопитност и желба за учење, систем во кој тие нема да бидат под постојан притисок.
OhridNews













