Во страотната сообраќајна несреќа на македонски автобус, што се случи вчера на автопат во соседна Бугарија, животите ги загубија двајца полициски службеници од Дебар, Саде Мустафовски (1971) и неговата сопруга Зилија Мустафовска (1973) од Дебар и Енис Рамановски (1980) и неговата сопруга Алмира Рамановска (1984) од село Долно Косоврасти.

Рамановски беше заменик командир на Полициската станица при ОВР Дебар каде работел од 2000 а Мустафоски полициски службеник, кој во полициските редови бил од 1994 година.

По тој повод, портпаролот на Секторот за внатрешни работи – Охрид во кој спаѓа и Дебар и претседател на Интернационалната полициска асоцијација – ИПА за регионот Охрид, Стефан Димовски, изрази длабоко сочувство до семејствата на двајцата полициски службеници од Дебар, како и семејставата на сите настрадани во автобуската несреќа.

Сите зборови на утеха се премали за големата болка на семејствата на 45-те загинати во сообраќајната несреќа. Но сепак, искреното и длабоко сочувство е она што го упатуваме до нивните скршени срца и души обвиткани со тага и безнадежност и посакуваме, Господ да им даде сила, барем за миг, да се ослободат од оковите на суровата и трагична ужасна несреќна судбина, наведува Димовски во објава на Фејсбук.

Посакуваме, додава, нивната болка и тагата по изгубените, да се преточи во силна енергија за соочување со суровоста од целосната промена од трагичното заминување на членовите на семејствата.

OhridNews