Во Службениот весник официјално се објавени имињата на политичарите кои со вчерашната одлука ги помилува претседателот на државата, Ѓорге Иванов. Објавени се 40 одлуки за помилување-ослободување од гонење без спроведување на постапка за 55 лица и една одлука за помилување на осудено лице. Поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески е помилуван 16 пати во различни постапки, додека поранешната Министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска е помилувана 13 пати, односно се сомничела за 13 различни кривични дела.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен премиер, Никола Груевски е помилуван за седум кривични постапки, додека поранешниот директор на Управата за безбедност и разузнавање е помилуван во шест постапки што се воделе против него. Мартин Протоѓер, член на Извршен комитет на ВМРО-ДПМНЕ, е осомничен и сега помилуван за пет кривични дела, додека Генералниот секретар на Владата, Кирил Божиновски за четири дела. Сите политичари чии гласови ги слушнавме во прислушуваните разговори што објавуваше лидерот на опозицијата, Зоран Заев нема да одговараат за криминалот за кој се сомничат.

Во списокот на помилувани и е и самиот Заев кој е четвртообвинет во случајот „Пуч“ заедно со поранешниот директор на УБК, Зоран Верушевски. И двајцата се помилувани за две кривични дела. Два пати е помилувана и Ирена Мишева, член на бордот на директори на „Телеком“.

Иванов го помилува и неговиот претходник, Бранко Црвенковски, поранешниот лидер на СДСМ и претседател на државата.

Дел од Обвинителите кои треба да ги расчистуваат случаите со прислушуваните разговори кои предизвикаа политичка криза во земјава се најдоа на списокот на претседателот. Обвинителите, Лиле Стефанова, Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски се помилувани за кривичното дело, вршење притисок врз сведоци, кое им се става на товар.

OhridNews
извор Макфакс