Тендерот за набавка на 150 нови полициски возила е поништен поради невалиден електронски потпис и несоодветна цена на понудувачите кои учествуваа во тендерот.

При проверка на валидноста на електронскиот потпис со кој е потпишана понудата на понудувачот ,,Порше Македонија” ДООЕЛ од Скопје, комисијата утврдила дека понудата не е потпишана со валиден електронски потпис издаден од страна на овластена куќа, односно КИБС АД или Македонски Телеком АД. Другиот понудувач, пак, на тендерот „КА-ДИС“ ДОО извоз-увоз Скопје понудил повисока цена од она што било утврдено како критериум.

„Цената на понудата  во висина од 279.952.583,60 денари без вклучен ДДВ, ја прави понудата несоодветна. Поради тоа и оваа понуда не се прифаќа. Двете компании кои учествуваа на тендерот имаат право на жалба до второстепената комисија во рок од осум дена“ соопштуваат од МВР.

 На 9 мај во МВР беа отворени понудите, “Порше Македонија“ од Скопје понуди моторно возило „Шкода јети“, а понудувачот “КА-ДИС“ од Скопје понуди моторно возило „Сеат алтеа“.

 Последна набавка на полициски возила беше пред 12 години, во 2000 година кога се набавени 210 патнички возила “Крајслер“ и 30 теренски (џипови), сите со бензински мотор.

 Набавените “Крајслери“ се во голема мера амортизирани. Во просек, секое од овие возила има поминато повеќе од 500.000 километри, а некои и повеќе. Голем дел од нив, околу 20 отсто, веќе се неупотребливи и расходувани (околу 40 “Крајслери“). Годишните трошоци за сервисирање и одржување на крајслерите кои се во возна состојба изнесуваат околу 7.000 евра по возило, бидејќи само една замена на автоматскиот менувач изнесува околу 3.000 евра. Просечната потрошувачка на гориво на овие возила им изнесува над 14 литри на 100 километри.

OhridNews
Извор:Макфакс