Се поништува постапката за јавното надавање за локации за поставување на урбана опрема, спроведена неодамна, соопшти Локалната самоуправа.

-Се поништува постапката на јавно надавање по отворен оглас бр.01/2013 одржано на ден 04.06.2013 година за доделување на микролокации за поставување на урбана опрема.-се вели во известувањето.

Во образложенијата на одлуката стои дека согласно Правилникот за јавно надавање со бр.03-2302/3 од 21.05.2013 година, а врз основа на доставениот записник бр.02-2825/1 од Комисијата надлежна за спроведување на огласот бр.01/2013 и извештајот од одделението за јавни набавкибр.03-2826/1, констатирани се низа неправилности во поглед на спроведување на постапката за издавање на микролокации за поставување на урбана опрема во делот на  јавното надавање одржано на ден 04.06.2013 година.

-Констатираните неправилностите се однесуваат во неможноста за непречено одржување на јавното надавање, неможноста за спроведување на конкурентност и поради договарање помеѓу понудувачите. Со цел непречено спроведување на јавно надавање и овозможување на процесот на целосна конкурентност Градоначалникот на општина Охрид донесе одлука за поништување на постапката.-информираат од Локалната самоуправа.

Исто така се разрешува Комисијата за спроведување на огласот за доделување на микролокации за поставување на урбана опрема. Поништената постапка за јавно надавање ќе се повтори на 12-ти јуни со почеток во 15 часот во просториите на општина Охрид со понудувачите кои доставиле документација по отворениот оглас, стои во соопштението.

Постапката за поништениот дел од огласот, јавното надавање, ќе ја спроведе комисија формирана со Решение од Градоначалникот.

OhridNews