Охридската локална самоуправа издава под закуп вкупно 96 локации за поставување на рекламни билборди и рекламни паноа. За таа цел деновиве беше објавен Јавен оглас во кој е предвидено поединечно јавно наддавање за локациите.

На булеварот „Туристичка“ се нудат вкупно 35 локации за поставување на билборди, на булевар „Македонски Просветители“ се нудат две локации, а на улицата „Партизанска“ се очекува да бидат поставени 27 билборди. Во Јавниот оглас на кеј „Македонија“ се понудени 24 локации за поставување на билборди, а на улицата „Свети Климент Охридски“ е предвидена само една локација. Во огласот се определени се и вкупно 7 локации за билборди и на улицата „АСНОМ“.

-Локациите и бројот на билбордите се утврдени во Програмата за поставување на урбана опрема во општина Охрид. Билбордите треба да имаат двострана рекламна површина со правоаголна форма со следните димензии: должина од 450 см до 470 см и висина од 250 см до 270 см. Предметот на јавниот оглас-локациите се делливи и секоја локација претставува посебен дел и за секоја локација се доделува право за поставување на билборди, за кои се издава одобрение за поставување и се склучува договор. Електронското јавно наддавање ќе се врши за секоја локација поединечно, се појаснува во објавениот оглас.

Право на учество на јавниот оглас имаат домашни и странски правни и физички лица, кои се регистрирани за обавување на дејност рекламирање и огласување како претежна дејност, под услови утврдени со јавниот оглас. Секој понудувач може да учествува на јавниот оглас со давање понуда за една или за повеќе локации кои се предмет на јавниот оглас.

-Право на учество на јавно наддавање – лицитација имаат сите домашни и странски правни и физички лица, кои најдоцна до денот и часот на јавното отворање на понудите ќе положат и ќе достават потврда за уплатен гарантен депозит до Комисијата, како и докази дека ги исполнуваат условите за учество на јавното наддавање. Депозитот изнесува 20% од почетната цена утврдена за локациите за кои понудувачот доставил понуда на годишно ниво и треба да биде изразен во денари и се уплаќа на сметка. За уплатениот депозит, се доставува потврда за уплатата, која треба да се приложи со докуметите за идентификација најдоцна на денот и часот најавното отворање на понудите, пишува во огласот.

Правото за поставување на билбордите се определува за период од 5 години, од 2016-та до 2021-ва година. Почетната цена за електронското јавно наддавање, поединечно за секоја локација ќе изнесува 24.000 денари годишно. Минималниот износ со кој може да се лицитира од моментот на највисоката понуда изнесува 240 денари, а максималниот износ со кој може да се лицитира изнесува 2.400 денари.

Крајниот рок за доставување на понудите е 13-ти април 2016 година до 13:00 часот, кога ќе се изврши и јавно отворање на понудите. Јавното електронско наддавање ќе се одржи во рок од 15 дена од јавното отворање на понудите и на него може да учествуваат само понудувачите кои имаат доставено документација за јавниот оглас и имаат уплатено гарантен депозит. Договорот со најповолниот понудувач се потпишува во рок од 15 дена по правосилноста на решението за избор на најповолен понудувач.

OhridNews