Во текот на вчерашниот ден и денеска до овој момент на ниво на држава попишани се 108 633 лица, 32 773 домаќинства и 46 258 станови. Активностите на терен денес течат според предвиденото и во континуитет во сите 50 пописни реони во државава. Одзивот од граѓаните е добар, нема негодувања или одбивање за попишување, вели Станко Стојаноски, координатор на Регионално одделение за статистика Охрид и државен инструктор.

И во Охрид пописот се одвива тековно и без проблеми. Попишувачите и денес се на терен стигнуваат информации, никаде нема застој. Секако дека по некој проблем технички се појавува, со паѓање на системот, но тоа е кратко и попишувачите повторно се вклучуваат, додава Стојаноски.

Работиме со помал број попишувачи од предвидените, но, се надеваме дека и со истите, тековните пописни активности ќе бидат спроведени. Се разбира дека со поголем број попишувачи ќе беше темпото на попис побрзо, но се надевам дека ќе успееме да ги завршиме навремено пописните активности вели Стојаноски.

Сега за сега нема ангажирано административни работници за надополнување на недостигот со попишувачи во нашиот пописен регион. Ангажирани се неколку лица со договор на дело, што беше дозволено од Агенцијата за вработување, незначителен број. Во текот на наредните недели ако се оцени дека има потреба, според насоките од Државниот завод за статистика, ќе се вклучат и административни работници, додава Стојаноски.

Пописниот реон 22 ги покрива општините Охрид и Дебрца. Во Охрид има 271 пописен круг, а во Дебрца 61.

Инаку, според Пописот од 2002 година вкупното население во општините кои ги опфаќа Охридскиот пописен реон изнесуваше 61256 со 18007 домаќинства и 32792 станови.

Н.С.Ј.