
За да може работодавачот од приватниот сектор да поднесе МПИН пресметка, во која ќе го користи правото на ослободување од плаќање на придонеси, потребно е: да има добиено Потврда од Агенцијата за вработување на РМ со која се утврдува право на ослободување од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување за вработено невработено лице до 29 години возраст со полно работно време; пријавата за прием во осигурување (Образец М1) на лицето до 29 години возраст да има основ на осигурување 059 – лице до 29 години возраст за кое работодавачот има право на ослободување од плаќање на придонеси; да ја преземе новата верзија клиентски софтвер од 04.04.2014 година; да користи соодветна шифра за ослободување од плаќање на придонеси.
Ослободувањето од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување се однесува на следните видови на придонеси:придонес за задолжително пензиско и инвалидско осигурување, за задолжително здравствено осигурување, дополнителен придонес за задолжително здравствено осигурување за случај на повреда на работа и професионално заболување, придонес за задолжително осигурување во случај на невработеност, придонес за стаж на осигурување кој се смета со зголемено траење.
Ослободувањето од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување на месечна основа е ограничено до висината на придонесите пресметани на просечната бруто-плата за претходната година објавена од Државниот завод за статистика (износот на просечната бруто-плата за 2013 година изнесува 31.025 денари). За разликата над просечната бруто-плата се пресметуваат и плаќаат придонеси од задолжително социјално осигурување.
Доколку работодавачот го изгуби правото на ослободување од плаќање на придонеси по некои од основите наведени во член 98-б од Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност, должен е во рок од 15 дена да ги уплати придонесите од задолжително социјално осигурување и да уплати камата за задоцнето плаќање на придонеси согласно со закон.












