Кандидатот за градоначалник на Охрид од НСДП Ацо Попоски, денеска, пред медиумите, ја претстави локацијата за изградба на Интернационален саем во Охрид, што е една од главните цели на неговата изборна програма во годинашниве локални избори. Локацијата се наоѓа на влезот на Охрид спроти бензинската пумпа Петрол КМР кај Габавци.


Според зборовите на Ацо Попоски, изградбата на овој капитален објект во Охрид ќе придонесе за подигнување на бизнис-климата во овој град и ќе се зголеми интересот на инвеститорите да вложуваат во Охрид.


Тоа ќе биде уште една можност за продолжување на туристичката сезона во Охрид и за зголемување на бројот на посетителите, со оглед на тоа што саемските манифестации ќе се одржуваат пред почетокот и по завршувањето на главната туристичка сезона, рече Попоски.


 

Тој напомена дека Охрид стагнира во својот развој и дека НСДП има визија како градот да го врати во живот.

Изградбата на интернационален саем ќе го врати развојот на Охрид на голема врата. Во Македонија има само еден Саем во Скопје каде има најава за изградба и на голем број придружн објекти. Изградбата на таков објект, Охрид ќе го стави на светската карта на саемски градови, а манифестациите кои ќе се одржуваат туку ќе носат илјадници гости на ривиерата, и тоа вон главната туристичка сезона, со што ќе ја продолжиме туристичката сезона, рече Попоски. Тој најави дека изградбата на саемот може да биде со јавно приватно партнерство, акционерско друштво или со директно вложување на странски претпријатија, а општината може да биде акционер и да заработува од профитот, додаде Попоски.

Ohridnews