Наша цел е дефинитивно да има исчекор и неразумното и неоправдано блокирање на македонското интегрирање во рамки на ЕУ и НАТО, кое ни го има наметнато Грција со блокадата врз основа на спорот да биде надминато и отстрането, изјави денес во Охрид министерот за надворешни работи Никола Попоски додавајќи дека Република Македонија има намера да направи што е можно поповолна клима со цел  придвижување во насока на решавање на наметнатиот спор од Грција по однос нашето уставно име.

Попоски потенцира дека Македонија досега има дадено низа предлози, а искажана е и подготвеност за средби на највисоко политичко ниво, според услови прифатливи и за грчките соговорници. 
 
Шефот на дипломатијата, потенцира дека македонскиот пристап е во насока на искористување на сите можности Грција позитивно да одговори, да ја зголеми изложеноста на комуникација на политичко ниво и да покаже дека е сериозно посветена во тој процес.
Според Попоски, од аспект на европската интеграција треба да се излезе конкретно со поддршка на отпочнување на преговорите, од аспект на НАТО, исто така што поскоро треба да се избегне нелегалната опструкција од страна на Грција.

Попоски изјави дека доколку не дојде до каква било средба со претставници на Атина пред престојното Генерално собрание на ОН, Македонија ќе продолжи со својот конзистентен настап, на земја која сака да биде дел од НАТО и ЕУ.

– Она што го правиме како дејствување во рамки на Алијансата да продолжиме да го правиме исто како земја-членка, и сите реформи што ги спроведуваме во рамки на интеграцијата во ЕУ да опстоиме да ги правиме, бидејќи примената на европските стандарди во Република Македонија е нешто што е главна придобивка за нас односно нашите граѓани. Тоа конзистентно ќе го правиме и ќе очекуваме ЕУ да го задржи кредибилитетот на проширување, рече шефот на македонската дипломатија.

Попоски додаде дека останува политичкото водство во Атина да одговори со конкретни гестови, со еден одговор што ќе биде позитивен на позитивната клима што ја создава Република Македонија, со цел да се види дали и грчката страна навистина е подготвена да направи слични гестови.

OhridNews