Деновиве во Охрид се оддржува дводневна регионална работилница за размена на искуства од функционирање и градење на капацитетите на јавните служби за вработување, во земјите од регионот. На работилницата која е во организација на Агенцијата за вработување од земјава, учестуваат претставници од агенциите за вработување од Албанија, Србија, Турција, БиХ, Хрватска, Црна Гора, Косово, како и домаќинот Македонија.

Директорот на Агенцијата за вработување, Влатко Поповски, истакна дека во текот на дводневната регионална работилница ќе бидат разгледувани добрите практики за вработување кои придонесуваат за намалување на невработените лица.

Главна тема ќе биде зајакнување на соработката помеѓу агенциите и размена на добрите практики. Втора главна поента ќе биде во делот размена на добри активни политики кои вистински помагаaт во намалување на бројот на невработени, додека на крај ќе разговараме како сето тоа да се сплоти во една мрежа, во која брзо ќе се решаваат проблемите кои ги имаат невработените лица.“ – истакна Поповски.

На работилницата ќе се разговара и за кариерното водење на невработените лица, односно нивно мотивирање за повторно активно да бараат работа.

Се е во корелација со онаа мерка што ние ја водиме како агенција, од аспект на вработување и советување. Прва група ни беа лицата што повеќе од 10 години се евидентирани како невработени помеѓу 40 и 49 годишна возраст. Оваа група граѓани се работоспособни, но нивната долгогодишна активност во делот на барање работа и разочараност, ги направило да бидат пасивни. Затоа со секој од нив ќе почнеме поединечни состаноци, за да увидат дека постои можност за вработување доколку бидат проактивни.“ – додава Поповски.

Со измените на Законот од минатата година, во Агенцијата за вработување се водат два регистри на невработени лица, пасивни и активни.

Пререгистрацијата заврши, а радува фактот што бројката падна под 100 000 активни барачи на работа, додека на пасивните изнесува нешто над 125 000. Во наредниот период ќе направиме големо истражување, со цел да видиме зошто пасивните невработени лица не сакаат да бараат работа. Дали тоа  е поради разочараност, сугестии од вработените во агенцијата или воопшто не им треба работа.“- потенцира Поповски.

Инаку, во новите регистри на невработени евидентирани лица во Агенцијата за вработување на Република Македонија, се пререгистрирале вкупно 224.157 лица, од кои 98 726 се пријавиле дека активно бараат работа, а 125 431 лице со во втората категорија кои не бараат активно работа.

O.T.