Популацијата на европски елен во репродуктивниот центар на Галичица достигна над 200 единки.

Како што информираат од НП Галичица во 2019 година кога центарот беше отворен бројката изнесуваше околу 30 единки, а денес популацијата е зголемена на над 200 елени.

Нашиот посветен ренџер Лазе, заедно со неговите помошници Јане и Кире, секојдневно се на терен – обезбедуваат храна и вода, вршат редовни контроли и се грижат за безбедноста и благосостојбата на елените. Покрај постојаното присуство на ренџерската служба, центарот е опремен и со видео-надзор камери, кои овозможуваат дополнителна, непосредна заштита и навремена реакција, информираат од НП Галичица.

Целта на формирањето на центарот беше да се изврши реинтродукција на европскиот елен во НП Галичица за да се обезбеди активно управување со секундарните живеалишта и високопланинските пасишта во Националниот парк со помош на дива фауна.

Дополнително, зголеменото присуство на елени во природата на паркот и можноста да се набљудуваат во дивина значително ја зголемуваат атрактивноста и бројот на посетители. Со тоа се придонесува кон зголемувањето на свеста за потребата од заштита на природното наследство.

OhridNews