Поради актуелната ситуација со епидемијата на корона-вирусот, забележано е намалување на трговската размена, односно намалување на бројот пратки од Далечниот Исток, информираат раководителите на царините од регионот, кои во Охрид учествуваат на работна средба за реализација на акцискиот план за Регионална економска област во рамки на Берлинскиот процес.

Како што истакна директорот на македонската Царина, Ѓоко Танасоски, тоа не е последица на случаи  на корона-вирус регистрирани во регионот, туку пред се е резултат на забавената испорака од Кина од каде изминатиот период пристигнуваа најголем број пратки.

Царинската управа не врши квалитативни прегледи на стоката што доаѓа од Далечниот Исток пред се од кризните жаришта, за тоа се задолжени Агенциите за храна и ветерина. Ние ги следиме сите насоки на Кризниот штаб, имаме засилени контроли, но засега се’ се одвива во рамки на нормалното. – рече Танасоски.

На можните негативни последиците предизвикани од актуелната ситуација со корона-вирусот, предупреди и туристичкиот сектор. Според Хотелската асоција, ширењето на коронавирусот може да предизвика голема штета врз претстојната туристичка сезона во Охрид. Во моментов 20-30% од аранжманите се откажани, а доколку продолжи трендот на зголемување на бројот на заболени во земјава, се поверојатно е дека овој процент значително ќе се зголеми.

Сликата уште не е јасна, но сите овие случувања се негативни за хотелиерите. Дел од земјите со кои имаме договори почнаа на своите граѓани да им препорачуваат да не патуваат во странство доколку тоа не е неопходно. Загуба во туризмот ќе има во целиот свет, не само кај нас. – изјави вчера за OhridNews претседателот на ХОТАМ, Крсте Блажески.

Деновиве откажано е и доаѓањето на околу 300 гости од Грција кои биле најавени за наредниот викенд.

OhridNews