Поради постоење на основи на сомнение за сторени кривични дела „Противправно лишување од слобода“ и  „Насилство“, Секторот за внатрешни работи Охрид поднесе кривична пријава против четири лица од Охрид, на кои од страна на истражен судија им е одредена мерка притвор од 48 часа.

Две од лицата се во притвор, додека на остантаите две мерката им е одредена во отсуство. СВР Охрид презема мерки за нивно пронаоѓање.

На 9-ти овој месец околу 02 часот, тројца од пријавени  физички нападнале друг охриѓанец кој со неговите другари се наоѓал во патничко моторно возило „Голф“  паркирано  на улицата „Марко Цепенков“.  Еден од пријавените се качил на хаубата од возилото и со нога го скршил ветробранското стакло. Потоа, првопријавениот  со заканителни и насилнички зборови им рекол на две од лицата во автомобилот да влезат во неговото возило марка „БМВ“ и да кажат каде се наоѓа нивниот другар, исто така од Охрид.

Откако го добиле одговорот, пријавените се упатиле кај поранешниот хотел „Парк“ и таму физички го нападнале лицето кое го барале, грубо и насилнички удирајќи го по целото тело се до бессознание. Потоа им наредиле да го подигнат и да го сместат во возилото „БМВ“ по што заедно дошле до Охрид. Пред да избегаат, пријавените им се заканиле на другарите на лицето кое го нападнале, да не кажуваат ништо во полиција. 

Пријавените се  лица добро познати на службата против кои и досега биле поднесувани кривични пријави.

OhridNews