Во струшкото основно училиште „Јосип Броз Тито“ денес не се изведуваше настава поради недостиг на нафта за греење. Од училиштето објаснуваат дека причина е ненавременото доставување на нафта и дека претходно испорачаните количини биле доволни за затоплување на просториите само во текот на првото полугодие .
Од локалната самоуправа објаснуваат дека ненавременото доставување на нафта за потребите на училиштето е поради технички проблем на фирмата која го обезбедува училиштето со нафта.
– Уште во петокот беа нарачани дополнителни количини нафта кои требаше да бидат доставени до денес, со цел да нема прекин во наставата. Како што рекоа од фирмата поради технички проблем, не успеале да ја испорачаат нафтата денес, но ветија дека тоа ќе го направат во текот на утрешниот ден, вели советникот за образование во струшката локална самоуправа, Лавдрим Елмази.
Тој додава дека во наредниот период нарачките, согласно потребите и временските услови во образовните установи ќе се прават на секои две недели, а три дена пред да се потроши количината со која располага училиштето од страна на директорот треба да се достави барањето до фирмата.
OhridNews