Поради неподмирени обврски за извршени услуги од страна на МЈП „Проаква“ – Р.Е. „Водовод“ Охрид во подолг период, под знак прашање може да биде доведена контролата на квалитетот на водата за пиење од градскиот водовод, предупредува Центарот за јавно здравје од Охрид.

-Долговите на МЈП „Проаква“ кон Центарот за јавно здравје изнесуваат 3 милиони денари. Со месеци, односно наназад со години не се подмируваат долговите, а јавното претпријатие е финансирано од Центарот за јавно здравје. Сакам да укажам дека се наоѓаме во ситуација да не можеме повеќе да ги извршуваме основните функции како јавна здравствена установа за набавка на материјали неопходни за вршење на испитување на водата.-изјави Атанаско Михаилов, раководител на Центарот за јавно здравје – Охрид.

Михаилов посочува дека по закон испитувањето на водата го вршат центрите за јавно здравје, за што тие  имаат склучено договори и имаат утврден ценовник. Со тоа, додаде Михаилов, „овозможуваме квалитетно испитување и одговараме за квалитетот на водата, а ако не вршиме испитување не можеме да гарантираме за квалитетот на водата во јавниот водовод.“ Тој побара од јавното претпријатие да престане да си поигрува со здравјето на граѓаните заради неподмирените долгови, обвинувајќи дека и во една таква незавидна ситуација „Проаква“ деновиве извршила нови партиски вработувања.

Од МЈП „Проаква“ информираат дека долгот на јавното претпријатие кон Центарот за јавно здравје е помал во однос на побарувањата кои охридскиот водовод ги има од институциите под капа на Министерството за јавно здравје, поради што било побарано законско порамнување на должничко доверителските обврски.

– Во однос на долгот кон Центарот за јавно здравје, имаме конкретен предлог кој е доставен до нив да направиме цесија со институциите кои се под Министартвсо за здравство кои нас ни должат за потрошена вода.-изјави Златко Старкоски, директор на МЈП „Проаква“.

Во врска со обвинувањата за партиски вработувања, директорот на „Проаква“ Старкоски објасни дека јавното претпријатие во изминатиот период извршило приклучување на градскиот водовод на повеќе населени места во охридско, поради што се содздала потреба од ангажирање на работна сила за тие подрачја и согласно законот временски биле вработени лица кои живеат во тие населени места, со цел навремено читање на водомерите, наплата на сметки и сервисирање на водоводната мрежа.

OhridNews