Околу поставените јавни тоалети на неколку локации во централното градско подрачје, деновиве, може да се примети непријатна миризба, дури и на неколку метри од нив.

Граѓаните коментираат дека е добро што конечно нив ги има, но со оглед на тоа дека се поставени на најпрометните места во градот, неопходно е постојаното одржување на хигиената во нив.


Тоалетите ги одржува фирмата „  МСС“ од Скопје која двапати во неделата врши празнење , дезинфексија и стерилизација на објектите. Квалитетот на одржувањето го надгледува лице ангажирано од Фондот за комунален развој.

Од таму тврдат дека хигиената на јавните тоалети редовно се одржува. – Вообичаено е тоалетите еднаш во неделата да се чистат, но по наше барање тоа се прави два пати во седмицата. Од наша страна ќе поднесеме барање до скопската фирма и за уште едно дополнително чистење во неделата со оглед на големиот број гости кои деновиве се присутни во градот, велат од фондот.

Во план е наскоро, на неколку локации во градот да бидат изградени јавни тоалети од цврста градба. 

OhridNews