Поради обилните врнежи од снег во текот на вчерашниот ден и во текот на ноќта, согласно донесената одлука на локалната самоуправа на општина Струга, денес наставата во сите основни и средни училишта во оваа општина нема да се изведува.

Како што информира раководителот на секторот за образование во струшката локална самоуправа, Џејми Хајредини, одлуката да се прекине наставата е одобрена и од страна на министерството за образование.

– И во текот на вчерашниот ден наставата во поголем дел од училиштата не се изведуваше. Голем број струшки села буквално се завеани од снег, а голем е бројот и на ученици кои во училиштата во Струга доаѓаат од околните села. Заради тоа одлучивме наставата денес да не се одвива. По викендот, зависно од временските услови, ќе одлучиме дали таа во понеделник ќе продолжи, изјави Хајредини.

Наставата денес не се одвива и во дел од училиштата во општина Дебрца. Како што информира градоначалникот Љупчо Којчиноски, поради тоа што не е исчистен снегот од патниот правец Ботун- Велмеј, денес настава нема да има во основните училишта во Велмеј и Белчишта.

Од охридската локална самоуправа велат дека наставата во училиштата во Охрид и околината се одвива редовно.

OhridNews