По соопштувањето на првичните неофицијални резултати, синоќа на социјалните мрежи се огласија и дел од учесниците во изборите.
Носителот на кандидатската листа на ВМРО ДПМНЕ, Кирил Пецаков напиша:
„ Да сте ми живи и здрави! Ви благодарам на сите за поддршката, му благодарам на секој еден член на ВМРО ДПМНЕ ОК ОХРИД, на секој претседател на месен комитет, на секој член на ОИШ за овие избори и на секој наш симпатизер и гласач на овие избори…По природата на нештата, посебно од политички аспект едни доаѓаат други заминуваат!! Ама…ВМРО ДПМНЕ ЌЕ СЕ ВРАТИ ПОСИЛНО ОД КОГА И ДА Е! Од утре почнуваме со работа!, напиша на Фејсбук Пецаков.
Независниот кандидат Стевчо Стевовски му ја честита победата на Стојаноски и на граѓаните што допринеле за демократска атмосфера во текот на гласањето.
„ На граѓаните на Охрид им го честитам придонесот за одржување на фер избори за избор на градоначалник на Охрид, на СДСМ и кандидатот Јован Стојаноски му ја честитам победата, на ВМРО ДПМНЕ и кандидатот Митко Тилевски му честитам на директниот придонес за фер водење на кампања за одржување на овие избори. Јас како независен кандидат за градоначалник на Охрид ја постигнав својата цел давајки свој придонес за граѓански пристап кон решавање на проблемите на Охрид, различен од оној на политичките партии, вели Стевовски.
Со свој статус се огласи и градоначалникот Никола Бакрачески, кој порача дека и во победи и во порази мора да се биде достоинствен, исправен и да се задржи нивото на политичка култура.
„ Честитки за победата на новоизбраниот градоначалник на Охрид – Јован Стојаноски со желба за успешен мандат во служба на граѓаните на Охрид. Честитки до советничкта група на СДСМ која по се изгледа освои мнозинство во советот, со желба посветено и одговорно да носат мудри одлуки кои ќе го унапредат живеењето во градот. Честитки за коалицијата на албански партии за освоениот мандат во градскиот совет. И секако: честитки за кандидатот Др Митко Тилески за посветената, напорна и крајно коректна кампања со што силно допринесе за унапредување на демократските процеси во градот, и до независниот кандидатот Стевчо Стевоски за покажаната храброст и одважност во оваа изборна трка да ги вкрсти ставовите и аргументите со кандидатите на двете најсилни партии во Македонија. Секако честитки и до советничката група на ВМРО-ДПМНЕ со желба да бидат конструктивна, силна и корективна опозиција, која ќе се бори за чување и унапредување на вредностите на градот секогаш кога ќе треба да се носат одлуки со гласање “за” или гласање “против”. ВМРО-ДПМНЕ мора да остане силна и организирана партија која и во иднина ќе ја има улогата на моторна сила и авангарда на политичките и општествените збиднувања во државата. ГЛАВАТА ГОРЕ!!! ОДИМЕ ПОНАТАКА !!!, напиша Бакрачески.
OhridNews












