Политичкиот врв со честитка до граѓаните по повод празникот Велигден, кој годинава се слави поразлично, во домашна атмосфера со најблиските и без посета на верските храмови поради пандемијата со коронавирусот.
Претседателот на државата, Стево Пендаровски, кој годинава велигденската порака ја упати од претседателската резиденција, наместо од редовната служба по повод празникот, посакува Велигден во домовите на верниците да донесе мир, хармонија и радост.
- Оваа година имаме поинаков Велигден. Поради глобалната криза предизвикана од пандемијата со која сите се соочуваме, годинава сме под товарот на заканата од коронавирусот и празникот го дочекуваме во нашите домови, во различна атмосфера и со поинакви навики и однесување. Дел од нашите граѓани се во првите редови во справување со кризата, и дење-ноќе ги извршуваат своите работни обврски со што ни овозможуваат на повеќето од нас да останеме дома со она што ни е најпотребно за да ги сочуваме нашето здравје и нашите животи. Посакувам Велигден да не потсети дека сега ни е потребна верба, храброст и трпение за да го издржиме овој тежок период во справување со вирусот, а преку надминување на кризата да ја научиме најважната животна лекција за нужноста од поголема еднаквост, одговорност, солидарност и почит меѓу нас, порачува претседателот Пендаровски.
Со честитка до граѓаните и ВМРО-ДПМНЕ.
- На овој голем ден учењето Христово нека ни биде ѕвезда водилка за да ги поминеме овие тешки моменти во кои се наоѓа нашата држава, но и целиот свет. Само со вербата во бога, љубов кон човекот, обединетост и сплотеност можеме да се изидгнеме пред искушенијата кои се пред нас. Религијата и вредностите кои таа ни ги носат ни даваат сила да продолжиме понатаму и се најголемото богатсво која еден народ со вековна традиција може да ја има, с енаведува во велигденската честитка до граѓаните од ВМРО ДПМНЕ.
„Да му се радуваме и да го славиме Велигден со срца и души, а да делуваме со ум, порачува претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
- Како никогаш досега, Велигден го очекуваме затечени со сериозна опасност која надвиснала над светот и нашите глави. Исправени пред ваквиот сериозен предизвик, мораме заеднички да делуваме мудро, за на крајот да излеземе како вистински победници. И Исус Христос би го побарал тоа од нас. Ако тој со смртта, смртта ја победил и сторил триумф на животот, можеме и ние – неговите чеда, во наша и негова чест да се заштитиме од злото што не демне. Да му се радуваме и да го славиме Велигден со срца и души, а да делуваме со ум. Фокусот на сите празнувања е во домот и семејството. Нека биде така годинава, од почетокот до крајот на Христовото Воскресение. Така ќе си овозможиме, во некои следни и поубави денови, повторно да ги пречекориме праговите на божјите храмови и здрави, живи, среќни и весели да ги празнуваме сите христијански празници, вклучително и Велигден, наведува Заев во својата велигденска честитка.
OhridNews