Изградена непосредно по Втората Светска војна, со доградба на постоечкиот капацитет кон крајот на седумдесетите години од минатото столетие. Некогаш место каде се лекуваа деца од сите краеви на поранешната федерација, денеска грда глетка покрај самото езеро.

Иако години наназад, надлежните во земјава најавуваа дека оваа поранешна реномирана здравствена установа ќе се спаси од целосен пропаст, сепак моменталната состојба во која се наоѓа Специјалната детска болница во Охрид го сведочи спротивното.

Покрај објектот кој лежи на самото крајбрежје во населбата „Св. Стефан“, наталожени се големи количини отпад, расфрлан смет и оштетени контејнери. Таблата на влезот, претставува единственото нешто што потсетува дека овој капацитет некогаш бил здравствена установа.

Ништо подобро не е ниту во неговата внатрешност. Искрешни прозори, голем број шприцеви, градежен шут, бездомни животни, хартија и расфрлана документација. Многумина кои дел од детството поминале во оваа болница, се сеќаваат на атрактивниот простор покрај езерото оплеменет со детски игралишта, забавни реквизити и се што е неопходно за престој на најмладите.

Специјалната детска болница во Охрид по пет децении работа беше затворена во 2007 година поради нерентабилно работење. Вработените беа преземени од другите здравствени организации во регионот, а дејноста од детскиот оддел при специјалната болница „Св. Еразмо“.

И додека во јавноста се појавуваа информации дека на површина од 10 000 метри квадратни ќе се гради луксузен хотел или пензионерски дом, односно дека во болницата ќе бидат префрлени дел од одделенијата од Заводот за кардиоваскуларни заболувања, овој објект и понатака останува да сведочи за нашата негрижа.

O.T.