Отказот за Жозе Мурињо од Манчестер Јунајтед означи почеток на шпекулации за неговото место на Олд Трафорд. За жешкото столче во Манчестер Јунајтед се поврзуваат поранешни играчи, но и легендарни тренери, а кој и да ја добие довербата ќе има „ѓаволска“ задача пред себе.

Како прв и најголем кандидат се смета Лорен Блан. Некогашниот член на Манчестер Јунајтед моментално е без ангажман, а три сезони од 2013 до 2016 година го предводеше францускиот гигант Пари Сент Жермен. Втор кандидат е „златната резерва“ на Сер Алекс Фергусон, Оле Гунар Солскајер. Норвежанецот како играч безброј пати се покажа како човек на одлука, но менаџерската функција е нешто сосема различно и далеку, далеку поголем предизвик.

Помеѓу докажаните тренери кои се кандидати за позицијата во Манчестер Јунајтед се издвојуваат Антонио Конте и Зинедин Зидан. Двајцата фудбалски стратези некогаш соиграчи во Јувентус се слободни агенти и можеби најреални опции за функцијата на Олд Трафорд. Конте како успешен се покажа во Челси освојувајќи титула, но се соочи со отказ после две сезони, а Зидан има поголем успех триумфирајќи три пати по ред во Лигата на Шампиони.

Исто така како потенцијален наследник се смета и Маурицио Почетино кој моментално е менаџер на Тотенхем. Аргентинецот има искуство, но не е докажан како Конте и Зидан, но ужива најголема доверба во англиските обложувалници.

Екипата до назначување на нов менаџер ќе ја води поранешнио играч и помошник на Мурињо, Мајкл Карик.

OhridNews