Малигните заболувања претставуваат втора најчеста причина за смртност веднаш после кардиоваскуларните заболувања, а нешто пред респираторните заболувања, дијабетесот и политрумата. Кај машката популација од сите малигни заболувања некаде околу 14,2% се дијагностицирани со оваа дијагноза, односно околу еден милион и четиристотини илјади годишно. Смртноста е некаде на петтото место благодарение на современиот начин на третман и пристап кон овие заболувања или во бројки некаде било околу триста до триста и седмесет илјади пациенти кои што умираат годишно со оваа дијагноза.

Ова беше истакнато на предавањето  „Превенцијата спасува животи“ што денес се одржа во Црвен крст Охрид, а во рамки на одбележувањето на Неделата на борба против ракот од 1-8 март.

Во нашата болница секојдневно се соочуваме со оваа проблематика и генерално имаме некој пораст на пациенти со оваа дијагноза, а тоа е така благодарение на современите методи на пристапна дијагноза како што е биопсијата на простатата, скринингот кој што порано се изведувал многу помалку, а сега веќе имаме пораст на тој скрининг. Претходната година имавме изведени и повеќе биопсии. Свесноста кај популацијата за овој скрининг расте и тоа е позитивно. Меѓутоа имаме уште некоја помала фракција од популацијата којашто да кажам не го спроведува тој скрининг. И мој апел е секој еден маж над 40-та, 45-та година, доколку има фамилијарна генеза на ова заболување или над 50-та година, доколку нема фамилијарна генеза на ова заболување, еднаш годишно да се јави на редовен уролошки преглед, каде што со современ индивидуален пристап секој лекар би го насочил што понатаму во однос на дијагностиката, третманот, вели Д-р Јованчо Митрески од Одделението за урологија при Општа болница Охрид.

Во однос на дијагностиката ПСА скринингот, посочува, е повеќе од доволен, потенцирајќи дека на ПСА скринингот секогаш се надоврзува и дигиторектален преглед на простатата.

Треба да се види што се случува во ткивото на простатата, дали имаме некоја симетрија, дали имаме некои јазли кои што лежат внатре, бидејќи често е опишано во светската литература дека и покрај нормалниот ПСА, еден пациент може да добие дијагноза рак на простатата благодарение на тој дигиторектален преглед. Затоа тие два аспекти се најважни во однос на клиничката пракса, потенцира Д-р Митрески.

Клучот, вели, е во раната дијагноза, а раната дијагноза би била можна само преку скринингот.

Доколку едно заболување би се фатило во самиот ран стадиум, односно каде што веќе е локализиран тој процес, тогаш и после спроведениот третман, дали тоа ќе биде оперативен или онколошки и најчесто доколку е локален, доколку задоволува критериумите за оперативен третман или локален третман, тогаш преживувањето драстично се подобрува. А доколку не се јавуваат пациентите на годишни уролошки прегледи, тогаш тоа заболување би придонело да напредува во своите стадиуми. Како што тоа ќе напредува и ќе се систематизира, така и можноста за преживување кај еден пациент е премногу мала.

Во поглед на појавата на симптоми, вели, во раната фаза ги нема и доколку овој процес не се фати на тој скрининг кој што би требало да се изведува секоја година, тогаш тој локорегионално би напреднал, а потоа и ќе се генерализира.

Во тој локорегионален напредок пациентот може да чувствува некои неспецифични симптоми како често мокрење навечер, некои дизурични тегоби, отежнато мокрење и така натаму, кои што се многу неспецифични и пациентот задолжително мора да се јави на лекар и со индивидуалниот пристап лекарот да дојде до таа дијагноза. Додека кај генерализираното или каде што веќе има метастатска болест, тогаш најчесто пациентите доаѓаат со патолошки фрактури односно скршеници на коски. Апелирам секој еден потенцијален пациент да се јави на редовен уролошки преглед, затоа што само заедно можеме да го промениме тој правец и да создадеме една нова историја во која што пациентите би очекувале поголемо преживување доколку сето тоа се фати во рана фаза, додава Д-р Митрески.

Инаку, секоја година во светот, над 12 милиони луѓе заболуваат од некој вид на рак, а 7,6 милиони луѓе умираат како последица на болеста. Во нашата држава, годишно се откриваат преку 6 илјади нови случаи на заболени од рак.

Н.С.Ј.