Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на цените на мало во јануари 2012 година, во однос на претходниот месец, бележи пораст за 1,6, а индексот на трошоците на животот за 1.2 отсто.

Порастот на трошоците на животот од 1.2% е резултат на повисоките индекси на зеленчукот за 10.0%, сушеното овошје за 1.3%, преработките од зеленчук за 0.7%, тестенините и кондиторските производи за 0.6%, месото и преработките од месо за 0.5%.

Во јануари, пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај централното греење за 10.3%, електричната енергија за домаќинствата за 7.8%, нафтените деривати за 2.1%, средствата за рекреација за 1.5%, цврстите горива за 1.3%, течните горива и гасот и патничките автомобили за 0.7%, козметичките производи за 0.5%, лековите и средствата за образование за 0.4%, облеката за 0.3% и средствата за хигиена за 0.2%.

Намалување на индексот на трошоците на животот во јануари 2012 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај овошјето за 3.1%, мастите за 1.4%, рибата за 0.6%, јајцата за 0.4% и алкохолните пијалаци за 0.2%.

Исто така, намалување на индексите на трошоците на животот е забележано и кај садовите и приборот за домаќинствата за 0.8%, обувките за 0.6% и мебелот за 0.3%.

Индексот на цените на мало и индексот на трошоците на животот во јануари 2012 година, во споредба со јануари 2011 година, бележат пораст од 3.4%.

OhridNews