ГРК Охрид му оддржа ракометна лекција на актуелниот првак Е. Пелистер во салата “Билјанини извори”. Домаќинот славеше 29:25 во меч во кој Охрид беше подобар  во сите 60 минути.

Битолчани тешко го прифатија поразот. По завршување на мечот забележани беа повеќе инциденти. Крилниот играч на Пелистер Дејан Манасков го нападна помошник тренерот на Охрид Крсте Андоновски. Страстите се смирија подоцна во соблекувалната иако инцидентот официјално влезе во полицискиот бележник.

По целосно расчистување на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава,  изјави портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски.

Инцидент имаше и помеѓу гостинскиот играч Радивојевиќ и тренерот на ГРК Охрид Борис Ројевиќ.

 

Колку тешко им падна поразот на битолчани сведочи искршената врата во гостинската соблекувална.

Серијата инциденти кулминираа со напад на група гостински навивачи на неколку охриѓани во центарот на градот.

Портпатолот Димоски го потврди инцидентот посочувајќе дека полицијата работи на расветлување на немилиот настан што го предизвикаа навивачи на Е. Пелистер.

OhridNews