Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов за 2015 година најави значително зголемување на посебниот додаток за лица со попреченост и на лицата со Даунов синдром.

–За таа цел, на својата последна седница, Владата на Република Македонија ги усвои предложените измени на Законот за заштита на децата кои се насочени кон поголема поддршка на децата со попреченост, децата со специфични потреби телесни, интелектуални и комбинирани пречки, изјави вчера на прес-конференција Спасов.

Тој појасни дека била согледана потребата  на родителите кои имаат деца со попреченост, а се во потешка финансиска положба и се материјално необезбедени односно приматели на социјална и постојана парична помош.

–Токму поради тоа донесовме одлука за воведување значително зголемување на посебниот додаток за оваа категорија граѓани, односно со измените на законот ќе овозможиме зголемување за 25 отсто на посебниот додаток за материјално необезбедени родители корисници на посебен додаток, рече Спасов.

Првично, според проценките, ќе бидат опфатени 1.030 материјално необезбедени родители, приматели на посебен додаток, од кои  919 се корисници на  социјална парична помош и 111 се корисници на  постојана парична помош.

Како резултат на интензивната комуникација со здруженијата на родители на деца со Даунов синдом,  Спасов посочи дека произлегла и потребата од поголема поддршка во делот на  правото на посебен додаток на децата со пречки во развојот и со Даунов синдром.

Овие измени ќе стапат на сила во јуни 2015.

OhridNews