Мандатарот Никола Груевски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ, партијата која на последните предвремени парламентарни избори освои мнозинство од 51 пратеник, наспроти СДСМ со 49, денес, треба да каже дали успеал да формира собраниско мнозинство со кое би составил влада. Ако во тоа не успее, Груевски треба да го врати мандатот. Од она што до сега се знае, Груевски имал само една средба со Али Ахмети, лидерот на ДУИ, потенцијалниот партнер за нова влада, на која, според оскудните соопштенија по средбата, не станало збор за формирање заедничка влада, туку само се констатирале состојбите по изборите.

Демократската унија за интеграција во петок не успеа да постигне внатрепартиски договор за тоа со кого би коалицирале во идната влада, па најавија продолжување на состанокот во сабота. „Состојбата е малку поделикатна за одлучување. Знаеме дека и роковите се кратки, затоа и овие консултации се интензивни, но моментално немаме одлука, па ќе продолжиме и во текот на утрешниот ден. Разговараме со сите политички партии, прашање на одлука во ДУИ е која опција ќе ја избереме. Во ДУИ правиме анализи за и против за аргументите за секоја опција, сè уште немаме одлука, претседателот прави анализи со членовите на партијата во сите нивоа и со луѓе кои не се од ДУИ, но моментално немаме одлука“, изјави Бујар Османи, портпарол на ДУИ.

Сите прашања околу новото собраниско мнозинство и натаму се отворени, особено ако се знае дека ден по средбата со Груевски, Ахмети во штабот на СДСМ се сретнал и со Зоран Заев, но и од оваа средба соопштенијата беа оскудни и се велеше дека начелно било разговарано за ставовите што двете страни ги застапуваат во овој период, без навлегување во детали или разговори за одделни конкретни прашања. И од таму беа најавени нови средби.

Бујар Османи, портпаролот на ДУИ излезе и со изјава дека при формирањето нова влада треба да се почитува принципот „победник во македонскиот со победник во албанскиот блок”, во интервјуто за Гласот на Америка. Османи ги обвини медиумите дека вршат притисок за непочитување на овој принцип. Според оваа изјава, и покрај тоа што се шпекулираше дека четворица избрани пратеници од ДУИ се противат на старо-нова коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, сепак, поверојатно е дека ДУИ со освоените 10 пратенички места е поблиску до повторно формирање на владина коалиција со ВМРО-ДПМНЕ со 51 мандат, отколку со СДСМ со 49 пратенички мандати.

Сепак, тука е и платформата на трите партии на Албанците од Македонија за тоа што треба да биде услов за влегување во коалиција со која и да е македонска политичка партија. ВМРО-ДПМНЕ неколку пати повтори дека за нив се неприфатливи барањата за двојазичност и за продолжување на мандатот на Специјалното јавно обвинителство. „За овие две прашања нема да преговараме дури и по цена да не бидеме во владата“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Со т.н. Мајски договор од 2008 година беше воспоставен принципот на коалицирање на двете победнички партии меѓу своите етнички заедници. Груевски неодамна изјави дека ако овој пат не се почитува овој воспоставен принцип, тогаш неговата партија во иднина веќе нема да има обврска да коалицира со победничката партија кај Албанците во Македонија. Од друга страна пак Теута Арифи од ДУИ, во едно неодамнешно гостување во телевизија, рече дека овој договор не може да важи повеќе, затоа што во петте точки, не се содржи само начелото да коалицираат победниците, туку постојат и други точки, кои до сега не биле спроведени, па затоа не може да се смета на него.

СДСМ пак не излегле со реакција и став во однос на барањата на Албанците во платформата. Воведувањето на двојазичноста беше дел од ветувањата на СДСМ за време на кампањата за изборите од 11 декември.

На 29 јануари истекува рокот до кога треба мандатарот Никола Груевски да договори парламентарно мнозинство, во спротивно треба да го врати,а што ќе се случува потоа, различни аналитичари и универзитетски професори различно го толкуваат Уставот. Некои велат дека мандатот треба да го добие Зоран Заев, од СДСМ како партија која освои најмногу гласови на изборите по ВМРО-ДПМНЕ, а некои велат дека треба да се оди на нови избори, затоа што не можело оној кој изгубил на изборите да биде мандатар.

OhridNews
извор Макфакс