Попладнево во Струга се одржа комеморација во чест на новинарот Мемет  Латифи, кој почина вчера во Струга на 69-годишна возраст. Пред членовите на семејството, колегите и пријателите на Латифи се обрати претседателот на регионалната канцеларија на Здружението на новинари на Охрид и Струга, Горан Момироски.

– Замина човекот кој беше извонреден професионалец, мајстор на својот занает, новинар од стариот ков. Секогаш добро информиран и упатен, внимателен, одмерен, но директен и остар. Баш новинар, кому вистината секогаш му беше најважна. Затоа беше ценет во фелата, а поради тоа му се лутеа тие кои бегаат од вистината, која денеска тивко умира под притисок на разни интересни групи на кои објективните новинари им се трн во око па затоа на разни начини ги опструираат. Низ таква професионална голгота Мемет поминуваше често и не се жалеше. Но, секогаш го наоѓаше патот до вистината, заради вистината и јавниот интерес. Нема многу такви денес. – рече во својот говор Момироски.

На комеморацијата се обратија и Фисник Бектеши од Радио Рапи, Неби Дервиши историчар, како и ќерката на Мемет, Анита Латифи која имаше емотивно обраќање.

– Мојот татко во наследство не остави материјално богатство, но затоа ми остави бесценета библиотека, архивата на најголемиот олиролог Александар Стипанчиќ, а како завет ми го остави највредното- да го негувам пријателството следејќи ги неговите стапки, рече Анита Латифи.

Мемет Латифи е роден во Прешево на 15.03.1949 година. Младоста ја поминал во Задар, Хрватска со кој до крајот на животот имаше нераскинлива врска. Последните 30 години од животот ги помина во Струга активно учествувајќи во сите општествени збиднувања на градот.

Списокот на медиуми со кои соработуваше е долг. Меѓу нив: МРТВ, Радио Скопје, Глас на Копенхаген, Албанско радио во Австралија, Радио Рапи, телевизиите: Албанска Радио Телевизија, Калтрина, Ера и Феста; весниците: Ботасот, Лајм, порталот ИнаОнлајн.

OhridNews