Комитетот за заштита на светското наследство на УНЕСКО на 44 сесија што се одржува во кинескиот град Фуџоу, вчера, усвои одлуката за состојбата на заштитеното културно и природно наследство на Охридскиот регион, со која Охридскиот регион останува и натаму на Листата на заштитени подрачја. На предлгог на Босна и Херцеговина, на Македонија и Албанија им се дава дополнителен рок за имплементација на препораките на Реактивната мисија на УНЕСКО од 2020 година и решавање на проблемите кои ги загрозуваат уникатните вредности на Охридскиот регион.
Со оваа одлука Охридскиот регион избегна деградирање, односно ставање на Листата на заштитени подрачја во опасност.

Во периодот што претстои, заедно со Албанија, ќе ја засилиме соработката и координацијата со Центарот за светско наследство и советодавните тела на УНЕСКО, како и со Европската Унија и другите стратешки партнери, со цел соодветна рехабилитација и за бескомпромисна имплементација на Планот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион. – истакна непосредно по донесувањето на одлуката Заев.
Тој потенцираше дека регионот бил уништуван со години наназад и сега четири години се малку за да се врати назад, директно обвинувајќи ги политиките на ВМРО ДПМНЕ за девастирањето на универзалните вредности на Охридскиот регион.

Ова особено се однесува на успешните и сериозни активности кои Општина Охрид ги реализираше во делот на отстранување на бесправните градби, уредување на крајбрежјето и доследното почитување на одредбите од Планот за управување со светското природно и културно наследство. За мене оваа одлука е нова енергија и мотив да продолжиме уште посилно во спроведување на решенија, кои ќе значат зачувување на статусот на светско наследство, што веќе 40 години го поседува овој регион. – истакна Георгиески.

Тој извештај не е заради некои војни или природни катастрофи туку само и единствено од несовесно менаџирање, рече Стојкова Серафимовска на синоќешната трибина на ВМРО ДПМНЕ во Охрид.

Аргументот на претставникот на Босна и Херцеговина беше дека: „со поместувањето на Листата на светско наследство во опасност само ќе ги демотивираме“. Зарем може да се демотивираат повеќе? Па ако македонските институции и власти беа мотивирани за заштита на Регионот, немаше воошто ни да дојде до тоа на две последователни седници на УНЕСКО да се бара впишување на Охридскиот Регион на листата на загрозени наследства. Она што гледаме дека ги мотивира се интересите на урбаната мафија и лажирањето – замајувањето на јавноста со продуцирање документи и минимален, спорадичен, најчесто стратешки кампањски ангажман на терен, толку колку да има што да се напише во бедните 30 страници (сосе слики) до Центарот за светско наследство. Да беа мотивирани, енергијата која ја трошат на убедување да добијат дозвола за уништување, ќе ја пренасочеа на одлучна акција за справување со заканите кои го доведуваат во прашање опстанокот на природното и културното наследство на Охридскиот Регион. – стои во реакцијата на Охрид SOS.

На овој начин, владите си купуваат дозвола за уништување на сопственото светско наследство – бескрупулозно профитираат од јавното и го третираат како да е нивна приватна своина. Конвенцијата за светско наследство, која државите потписнички се согласиле да ја почитуваат, наметнува обврска за заштита и зачувување на скапоцените природни и културни добра кои нивните земји имале среќа да ги имаат. Согласно со тоа, обврската на Комитетот нужно вклучува објективна проценка во склад со утврдената состојба од страна на стручните тела на УНЕСКО и носење одлуки кои ќе бидат одраз на принципите на кои Конвенцијата се темели. Но, тоа не е веќе одлика на Комитетот. Комитетот и по пропуштање на сите досегашни рокови, и од 2017 и од 2019 г., одлучи на македонските власти да им даде дозвола за дополнително уништување на Охридскиот Регион. – смета Граѓанска иницијатива Охрид ЅОЅ.
Со ваквото работење, делегациите сериозно го доведуваат во прашање кредибилитетот на институцијата која ја претставуваат, на УНЕСКО воопшто, велат од Охрид SOS.

Г.М.












