Со дуелите помеѓу Севиља – Манчестер Јунајтед и Шахјтор Доњецк – Рома ќе се комплетира првата фаза од осминафиналната етапа во Лигата на Шампиони.

На Санчез Писхуан стадионот силите ќе ги одмерат Севиља и Манчестер Јунајтед кои се последните два шампиони во Лигата на Европа. „Црвените ѓаволи“ ја имаат фаворитската улога во овој двомеч, но ќе мора да го оправдаат низ двата натпревари во 1/8 финалето.

– Севиља има одличен состав и тим кој сјајно игра пред своите гледачи. Сите заедно добро ги анализиравме и знаеме што не очекува. Тие ќе бидат агресивни од првата минута, а ние ќе имаме задача да се одбраниме и да ја смириме топката. Мечевите од ЛШ се нешто посебно, затоа не е потребен дополнителен мотив или нешто друго. – истакна Немања Матиќ.

Италијанскиот стратег на клупата од Севиља, Виченцо Монтела најмногу стравува од Алексис Санчез кој е најновото засилување за Манчестер Јунајтед.

– Алексис Санчез е фантастичен играч. Кога го гледав во Италија вистински уживав, бидејќи се бореше за секоја топка и за секоја педа на теренот, што е реткост за модерните напаѓачи. Тој ќе биде најмногу мотивиран, затоа што ќе сака да ги импресионира навивачи на Манчестер Јунајтед кои му приредија одличен пречек. – изјави Италијанецот.

Мечевите се играат во стандардниот термин 20 часот и 45 минути.

OhridNews